Ставрески: Доделени првите средства од 111-те милиони евра од поволните кредити преку МБПР
Одобрени се првите средства од 111-те милиони евра од евтините кредити преку Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР).
Вицепремеирот и министер за финасии Зоран Ставревски, денеска, одговарајќи на новинарски прашања за интересот на македонските бизнисмени за искористување на поволната кредитна линија од 100 милиони евра од ЕИБ, информира дека досега за нејзино искористување се поднесени 80 барања.
- Обезбедените 100 милиони евра од Европската инвестициска банка се главниот инструмент во борбата против актуелната економска криза и добро е што има добар интерес за истите. Веќе првите 20 милиони евра се побарани за изработените проекти и ќе бидат дадени на почетокот на септември. Околу 80 претпријатија аплицираа и со тоа ќе добијат ликвидни средства за инвестиција во нивниот понатамошен развој, изјави Ставрески, при посетата на струмичкиот регион.
Исто така, додаде вицепремиерот, добар е интересот и за средствата од Македонската банка за подршка на развојот, на земјоделските претпријатија и претпријатија за откуп и преработка на земјоделски производи.
- Досега 19 фирми изразија интерес за овие финансиски средства. Од нив пет во целост ги исполнија стандардите што се бараа и на истите во текот на следната недела ќе им бидат испратени 1,6 милиони евра, а останатите треба да ги доработат проектите. Најголем е интересот од страна на претпријатија кои вршат откуп на зеленчук и грозје, а интерес има и од преработувачите, укажа Ставрерски.
Коментирајќи ја можноста за инфлаторен бран вицепремиерот Зоран Ставревски истакна дека будно ја следат актуелната состојба со покачувањата што се случуваат на светско ниво и кои директно влијаат на домашниот пазар.
- Загрижува состојбата на светскиот пазар со осетното зголемување на цената на основните прехрамбени артикли. Завчера на светската берза во Чикаго се забележа најголем скок на цената на пченицата, пченката и сончогледот во последните 27 години. Ова секако ќе влијае и ќе има нов бран на покачување. Што се однесува до цената на нафтата и нафтените деривати, неа ја диктира пред се кризата во Блискиот Исток и скокот на доларот во однос на еврото. Владата е загрижена за ваквата состојба и во рамки на своите надлежности презема низа мерки преку отварање на нови работни места и социјалната програма да ги ублажи ударите врз животниот стандард на граѓаните, рече вицепремиерот одговарајќи на новинарски прашања при посетата на струмичкиот регион.