Владината делегација во Монтреал ќе ги презентира можностите за инвестирање во Македонија
Делегацијата на Владата на Република Македонија, предводена од премиерот Никола Груевски, a во чиј состав се и заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони Виктор Мизо, денеска(вторник, 28.08.2012 година) ја започнува политичко-економска посета на Канада и Соединетите Американски Држави.
Во текот на денешниот ден, владината делегација предводена од премиерот Груевски, во градот Монтреал, Канада, ќе присуствува на бизнис форум на кој ќе бидат презентирани инвестициските можности и поволностите кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори за отворање и водење бизнис.
Бизнис форумот е организиран во соработка со Советот за меѓународни односи на Монтреал и локалната бизнис комора. Премиерот Груевски, претходно ќе има и средба со Пјер Лемонд, претседател на Советот.
Владината делегација ќе оствари посета и средба со раководниот тим на Универзитетот „Мекгил“ од Монтреал, кој е еден од водечките меѓународни универзитети во Канада, при што ќе стане збор за можноста за остварување на поконкретна соработка во областа на образованието и науката.
Премиерот Груевски, и владината делегација ќе остварат и посета и средби со менаџерскиот тим на компанијата „Лавалин“, која е една од најголемите канадски компании од областа на градежништвото, бизнисот со недвижности и реализацијата на инфраструктурни проекти.
Владината делегација, ќе оствари и повеќе поединечни средби со претставници на канадски компании потенцијални инвеститори во Република Македонија.