Министерството за економија ќе им помага на компаниите полесно да дојдат до средства од фондовите на ЕУ
Министерството за економија ја почна серијата посети на стопанките комори во Македонија чија цел е презентација на Рамковната програма за конкурентност и иновации - ЦИП на Европската унија преку која на македонските фирми годинава им се достапни за користење 460 милиони евра.
- Министерството за економија како национален партнер на ЦИП програмата во соработка со сите стопански комори, почнувајќи денеска со Стопанската комора на северозападна Македонија ќе им пружи техничка помош, односно ќе им го елаборира и објасни начинот на кој компаниите можат да аплицираат за овие средства и да стигнат до нив. За жал тие не се користат доволно и засега се искористени само 1,6 милиони евра за вкупно седум проекти и тоа во делот на информатичките технологии, унапредување на животната средина, претприемништвото и за општествена одговорност, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини пред почетокот на презентацијата.
Toj нагласи дека има многу простор за искористување на средствата од ЦИП програмата, а нашите компании треба да работат повеќе на квалитетни проекти за да можат да аплицираат за средства.
- Има процедури во Европската комисија и во повеќе институции и министерства за да се дојде до средствата. Ќе направиме денеска целосна презентација на ЦИП програмата и ќе отвориме контакт канцеларија за сите компании од Стопанската комора на Северозападна Македонија во која ќе можат да се обратат за сите прашања што ги интересираат. Нашата контакт канцеларија ќе им помогне на компаниите и во процесот на доставување на апликациите, што значи дека на едно место ќе се канализираат сите неопходни процедури и со помош на Министерството за економија тие ќе можат директно да аплицираат до Европската комисија за овие средства, рече Сарачини.
Претседателот на Стопанската комора на Северопзападна Македонија, Мендерес Кучи истакна дека ЦИП програмата многу малку се користи во Македонија, а воопшто не од членките на нивната комора.
- Овој фонд на ЕУ има за цел поттикнување на иновации, кои, пак, директно би значеле и поголема конкурентност на пазарот. Денеска ќе им појасниме на членките кои се овие фондови и како се аплицира, нешто што им недостигаше заедно со логистика за да можат да се пријават за нивно користење и да бидат во тренд со дугите компании во регионот и во светот, рече Кучи.
Недоволната информираност и сложените процедури, посочи, се главната причина што членките на Стопанската комора на Северозападна Македонија воопшто не користеле средства од ЦИП програмата досега.
- Без да се знаат процедурите не може да се аплицира или, пак, ќе се аплицира несоодветно по што е логично да следи одбивање. Процедурите ги дефинира Европската унија која ги дава средствата, но не се тешки доколку луѓето се едуцираат и се упатат кон потребните насоки за нивно користење, нагласи Кучи.
ЦИП програмата на ЕУ има вкупен буџет од 3,5 милијарди евра за периодот од 2007 до 2013 година за трите подпрограми - Претприемништво и иновации, Поддршка на политики на информатичко комуникациски технологии и Интелегентна енергија на Европа за кои можат да конкурираат фирми од ЕУ и од земјите кандидати за членство. Од овие средства во 2012 година за македонските компании се достапни 460 милиони евра. Се предвидува сличен износ на средства да биде достапен и за наредната година.