Вината на „Тиквеш“ промовирани пред дипломатскиот кор
Министерот за надворешни работи Никола Попоски заедно со повеќе амбасадори денеска беше во посета на винаријата Тиквеш во рамки на Проектот за промоција на македонските извозни капацитети.
- Се обидуваме да промовираме извозни индустрии од Македонија пред дипломатскиот кор покрај редовната активност со економските конзуларни претставништва за зголемување на извозот и привлекување инвеститори. Сакаме да ги привлечеме дипломатите во Македонија да откриваат нови можности, изјави Попоски.
Стратегијата на економската дипломатија е да се фокусира на поголеми сектори кои имаат потенцијал за извоз. - Најголема придобивка е економските дипломати да поттикнат љубопитство и да ги мотивираат да создадат контакти. На тој начин ќе се создадат можности за склучување на определени зделки, изјави тој.
Генералниот директор на „Тиквеш“ Игор Илиевски вели дека на овој начин се отвора можност винаријата да ги претстави своите капацитети пред дипломатите и дополнително да оствари капацитети за поголем пласман на нашето вино на странските пазари. - Ова е уште една поддршка од Министерството за надворешни работи за наше етаблирање и презентирање во странство, рече тој.
Илиевски посочи дека повеќе од 50 проценти од приходите на „Тиквеш“ доаѓаат од извоз.
- Во овие тешки времиња и покрај рецесијата во првите шест месеци ние сме една од ретките компании која покажа двоцифрен раст на приходите од извоз за 19 проценти, а извезуваме во повеќе од 20 земји, рече генералниот директор на Тиквеш.
Компанијата годинава планира да откупи 60 проценти повеќе грозје од лани. Илиевски посочи дека прво планирале да откупат 17 милиони килограми, а по ревизијата на плановите 20 милиони килограми, имајќи предвиде дека во досега е помината половина од бербата.
Вината во Македонија се доста квалитетни, изјави по дегустацијата кинескиот амбасадор во земјава Цуи Џивеи, посочувајќи дека ќе направи се што е во негова моќ да ги промовира македонските вина на кинескиот пазар.
- На кинескиот пазар сега влегуваат повеќе македонски вина. Кина засега не е пазар број еден за македонските вина, но во блиска иднина ќе биде. Со заеднички напори на амбасадата и на винариите од Македонија сега се повеќе кинески купувачи се интересираат за македонските вина и сакаат да дојдат во Македонија и да ја истражат можноста за соработка, изјави кинескиот амбасадор.
Економската соработка меѓу Македонија и Кина како што истакна тој, исто така, достигнува позитивни резултати.
На денешната презентација на вината од винаријата „Тиквеш“ присуствуваа дваесетина амбасадори и претставници на дипломатскиот кор во Македонија меѓу кои и американскиот амбасадор Пол Волерс, амбасадорот на Велика Британија Кристофер Ивон и други.