Ѓорѓиев: Од денеска огревното дрво со намалени цени

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

На денешната прес- конференција сакаме да информираме за неколку одлуки кои Владата ги донесе на минатата седница.

Прво, Владата донесе конечна одлука за намалување на цената на огревното дрво. Македонски шуми го прифати укажувањето на Владата и донесе измена на својот ценовник, на кој Владата даде позитивна согласност. Од денеска огревното дрво за домаќинствата ќе се продава по нови и намалени цени, односно за 10 проценти пониски цени за сите физички лица, и за 20 проценти пониски цени за физичките лица кои се корисници на социјална помош. За лицата корисници на социјална помош оваа намалена цена ќе важи за купени до 5 кубни метри огревно дрво.

Новата цена на буката е 2133 денари за метар просторен, односно 1896 денари за лица корисници на социјална помош, а за дабот е 2205 денари за метар кубен, односно 1960 денари за лицата корисници на социјална помош.

Новата и намалена цена за грејната сезона 2012-2013 година почнува да важи од денеска до 15 април 2013 година, за граѓаните физички лица кои огревното дрво ќе го користат за сопствени потреби.

Ова е доказ дека Владата води сметка за потребите на граѓаните, и онаму каде што цените на определени производи зависат од одлучувањето на Владата тие се намалуваат, и ова намалување е особено битно затоа што доаѓа во период на глобално зголемување на цените на реагенсите, и дополнително затоа што и покрај зголемувањето на цените на огревното дрво во регионот во изминатите години, во Македонија не само што не дојде до покачување на цената на дрвото, туку и доаѓа до намалување на цената.

Владата останува посветена на следење на движењата во економијата, и доколку се појави потреба ќе интервенира во делот на економијата кој зависи од нејзините ингеренции.

Второ, пред определен период во соработка со Комората на сметководители и на нивно барање се донесоа законски акти кои ја регулираат оваа сфера и даваат дополнителен квалитет и отстранување на аномалиите. Со законот е предвидено да се издаваат одобренија. Владата одлучи да определи минимален надоместок за добивање на привремено уверение за сметководител и овластен сметководител, и трајно уверение за сметководител по симболични цени.

Привремено уверение за сметководител, ќе се издава на лице кое има најмалку средно образование и работно искуство од 3 години, или вишо образование и работно искуство од 2 години, или високо образование и 1 година работно искуство, а надоместокот ќе изнесува 300 денари.

Привремено уверение за овластен сметководител, ќе се издава на лице кое има најмалку средно образование и работно искуство од 10 години, или вишо образование и работно искуство од 8 години, или високо образование и 3 година работно искуство, а надоместокот ќе изнесува 500 денари.

Трајно уверение за сметководител, или овластен сметководител, ќе се издава на лица кои имаат 25 години работно искуство во сметководствени работи, а надоместокот ќе изнесува 1000 денари.

Привремените уверенија ќе важат 24 месеци, а рокот за поднесување на барања за добивање трајни и привремени уверенија ќе трае најдоцна до 3 февруари 2013 година.

Трето, Владата ја укина забраната за движење низ шумите, која беше воведена заради превенција и заштита од пожарите, а причините за укинувањето се промената на климатските околности и намалувањето на опасноста од загрозување на шумите преку движење во нив.

Ова значи дека од денеска граѓаните ќе може слободно да се движат низ шумите, без барање на претходни одобренија како во време на важење на мерката, како и создавање на услови за почеток на функционирање со работа на Жичарницата на Водно.

Четврто, Владата го прифати предлогот на Министерството за транспорт и врски, и одлучи да именува нов капетан на капетанијата во Охрид. Нов капетан на Капетанијата во Охрид ќе биде Горан Устијановски од Охрид, кој има долгогодишно искуство во оваа област.

Има дипломирано на Факултетот за туризам и угостителство. Има положен испит за звање бродовозач во внатрешна пловидба, и положен испит за звање морнар. Актуелен претседател на Здружението на бродари и посади на брод, и долгогодишен капетан на бродот Галеб.