Премиерот Груевски се сретна со известувачот на ЕП за Македонија, Ховит
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 19.09.2012 година) оствари средба со известувачот на Европскиот парламент за Република Македонија, г-дин Ричард Ховит.
На средбата двајцата соговорници разговараа за реформите кои се спроведуваат во Република Македонија за достигнување на европските стандарди и за европската интеграција на нашата земја.
Премиерот Груевски изрази благодарност до г-дин Ховит за неговата поддршка на нашите заложби за членство во Европската Унија и на неговата посветеност за активен придонес за промоција на нашите достигнувања. Премиерот изрази и високо почитување на улогата која што ја има Европскиот парламент во реализацијата на македонската евроинтегративна агенда.
Претседателот на Владата Груевски го информираше својот соговорник за преземените реформски чекори од страна на Владата, при што беше изразено задоволство од одвивањето на Претпристапниот дијалог на високо ниво помеѓу Република Македонија и Европската Унија и позитивно беше оценето исполнувањето на мерките и активностите од Патоказот на дијалогот, и беше истакнато очекувањето дека Европската Комисија ќе го вреднува сработеното со позитивен извештај за напредокот на Република Македонија за членство во Европската Унија.
Исто така беше изразена македонската посветеност на надминување на отвореното прашање со Република Грција, и нашите заложби за негување, развој и унапредување на добрососедските односи.
Премиерот Груевски го информираше својот соговорник и за актуелните и комплексни случувања и односи на политичката сцена во Македонија и во владината коалиција.
Премиерот потенцираше дека членството на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО останува стратешка цел на нашата земја и на Владата.