Се проширува МАРРИ проектот за соработка помеѓу граничните полиции на меѓународните аеродроми со SEPCA земјите
На третиот состанок на Проектниот стратешки комитет на МАРРИ регионалниот центар за проектот „Заеднички сеопфатен пристап во градење соработка помеѓу граничните полиции на меѓународните аеродроми на МАРРИ и SEPCA земјите членки“ што денеска се одржува во Скопје ќе биде потпишан меморандум за проширување на соработката во оваа сфера со Бугарија, Романија и Молдавија.
Согласно недвосмислената определба на Владата за целосно асоцирање во евроатлантските интеграции, нагласи во обраќањето министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, активно партиципираме во мноштвото регинални и меѓународни инцијативи, проекти и активности, како во интерес на стабилноста и просперитетот во рамки на меѓународните односи, така и во интерес на стратешките национални интегративни аспирации. Констатирајќи оти се постигнати низа одлични резултати од полето на миграионите политики, интегрираното гранично управување, визната либерализација ... таа потсети дека минатиот месец во објавениот трет извештај на Европската комисија за имплементација на визната либерализација во земјите од западен Балкан, позитивно се оценети мерките што Македонија ги превзема за драстично намалување на бројот на неосновани баратели на азил, со што позитивно е оценет и процесот на визната либерализација. Во борбата против трговијата со луѓе, во годинашниот извештај на американскиот Стејт департмент Македонија беше позиционирана во групата земји кои целосно ги исполнуваат стандардите во оваа област.
- Сакам јасно да нотирам дека ништо од досега постигнатото како во делот на внатрешните работи, така и во нормативната сфера, не ќе беше можно без нашата демонстрирана политичка и институционална волја и подготвеност, но и без меѓународна соработка и поддршка. На тоа поле, чинам Република Македонија се покажа како ревоносен, кредибилен и активен партнер, потенцира Јанкулоска.
Амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Аиво Орав поздравувајќи го проектот за зајакнување на капацитетите на граничната полиција на меѓународните аеродроми, посочи дека е важно да се разгледаат прашањата за нелегалната миграција, организираниот криминал и тероризам, како главни предизвици за регионалната прекугранична соработка. Помошта и поддршката од ЕУ во ова поле, истакна тој меѓу другото, значително придонесува кон регионалната соработка.
Равин Мардеј, од швајцарската Федерална канцеларија за миграции укажа дека заедничките напори водат кон поефикасно управување и справување со заканата од нелегалната миграција. Со подобрување на регионалната соработка и размена на информации поврзани со миграцијата, подвлече, МАРРИ презема водечка улога во регионот, а во тој контекст граничната полиција ја има главната улога за илегалната миграција и на луѓе и на стока.
- Главната идеја е да имаме заедничка соработка, со заеднички добивки, а FRONTEX се вклучуваат во соработката затоа што ова е начинот со кој може да се оди напред во иднината преку вклучување во поширока заедница каде може да се разменуваат искуства и најдобри пракси, истакна Клаудио Кавречич, раководител на секторот за воздушни граници од FRONTEX - Европска агенција за зајакнување на безбедноста на границите во ЕУ.
Трпе Стојановски, директор на МАРРИ регионалниот центар информира дека проектот запона да се имплементира во 2011 година, со главна цел да се воспостави сеопфатна ефикасна интер-регионална мрежа за соработка меѓу граничните полиции на меѓуанродните аеродроми, како и воспоставување проширена постојана регионална работна група, надградена на стратешко ниво со учество на шефовите на граничните полиции и на оперативно ниво, со учество на командирите на граничните полиции на главните меѓународни аеродроми од трите SEPCA земји (Бугарија, Романија и Молдавија).