Бесими: Членството во НАТО и ЕУ значи политичка стабилност и економски раст
Ефектите од членство во НАТО и ЕУ се политички и економски, односно поголема политичка стабилност и поголем економски раст, односно подобрени перспективи за подобар животен стандард, потенцира министерот за одбрана Фатмир Бесими на предавањето што денеска го одржа на Воената академија пред студентите од Вториот циклус стручни студии за командно штабни должности, на тема „Влијанието на евро-атланските интеграции врз економијата на Балканот и Република Македонија“.
Со оглед на фактот што трошоците од не-интегрирање на земјите од Балканот во НАТО и ЕУ може да бидат поголеми од трошоците за самата интеграција, истакна тој, потребата од зголемена поддршката на ЕУ и НАТО е економски и политички коректна. Според него, тоа ќе ги зголеми капацитетите на земјите од Балканот да ги мобилизираат сопствените ресурси за развој и да ги охрабрат евро –оптимистите во регионот.
- Балканот е релативно мал, но комплексен регион, со широка културна и религиозна разновидност. Последните две децении покажаа дека ваквото опкружување лесно може да се манипулира од политичарите кои имаат националистички агенди кои на крајот доведуваат до тешки конфликти и војни, потенцира меѓу другото министерот Бесими.
Очекуваните придобивки од приемот во НАТО и ЕУ, смета, вклучуваат зголемување на трговијата и инвестициите. Тоа ќе создаде нови работно места и ќе го подобри животниот стандард. Овие позитивни ефекти ќе бидат зајакнати и со интеграцијата во еден поширок пазар, како што е НАТО и ЕУ.
Интеграцијата во ЕУ, додаде, претставува долг и сложен процес кој опфаќа усогласување и достигнување на постоечките економски резултати на земјите на ЕУ.
Доколку го споредиме стандардот на живеење меѓу членките на ЕУ и земјите од Балканот, според Бесими, ќе видиме огромни разлики. Од почетокот на светската економска криза, БДП по глава на жител за земјите во евро – зоната, подвлече, изнесуваше околу 30.000 евра, додека просечниот БДП по глава на жител во земјите од Балканот за истата година беше околу 5000 евра.
Според него, има значителни разлики и во стапката на невработеност. Просечната стапка на невработеност во евро–зоната изнесува 8 – 9 проценти, додека просечната стапка во земјите од Западен Балкан надминува 21 процент. Овие бројки, смета, укажуваат на големи разлики во стандардот на живеење меѓу земјите од Балканот и земјите членки на НАТО ЕУ.
Со цел да се фати чекор со економиите во земјите членки на НАТО и ЕУ, земјите од Балканот, констатира Бесими, треба побрзо да се развиваат и да станат поконкурентни. Искуството од оваа деценија покажува дека просечната стапка на економски раст во ЕУ, до почетокот на светската економска криза, изнесуваше околу 2,5 проценти, додека економскиот раст на земјите од Балканот беше околу 5 проценти.
- Со едноставно математичко пресметување се покажува дека со овој сооднос, ќе бидат потребни 75 години за земјите од Балканот да го достигнат животниот стандард (пресметан по глава на жител) на земјите од ЕУ. Ова е долг и сложен процес со одредени социјално – економски трошоци. Секое натамошно пролонгирање на овој процес и доцнењето на придобивките споредени со трошоците ги зголемуваат аргументите на скептиците наспроти оптимистите за европската и атланаска иднина на Балканот, рече министерот за одбрана.
Покрај сето тоа, оцени Бесими, пролонгирањето ги поттикнува и опциите за националистичка политика на Балканот што може да го доведе регионот до изолација, нестабилност и економски пад.
- Земјите од Балканот денес се се поблиску до интеграција во НАТО и ЕУ. Меѓутоа, исполнувањето на критериумите за интеграција се уште претставуваат голем предизвик за овие земји. Можеби е време ЕУ и НАТО земјите треба да размислат за зголемување на опсегот и интензитетот на поддршка за Балканот. Од економска гледна точка, ова не претставува голем товар за ЕУ, со пазар од околу 500 милиони жители, додека земјите од ЗБ имаат население од само 23 милиони. Со оглед на фактот што трошоците од не-интегрирање на овие земји во ЕУ може да бидат поголеми од трошоците за самата интеграција, поддршката на ЕУ е економски и политички коректна, порача министерот Бесими. Тоа, подвлече, ќе ги зголеми капацитетите на земјите од Балканот да ги мобилизираат сопствените ресурси за развој и да ги охрабрат евро –оптимистите во регионот.
- Не постои политички процес кој нема економски импликации, а тоа е посебно релевантно за интеграцијата на една земја во најмоќната одбранбена формација на светот. Со влезот во НАТО, Република Македонија ќе добие сигурна основа за брз економски развој. Треба да се примени мотото „инвестирање во безбедноста за да се осигури безбедност на инвестициите”, оцени министерот за одбрана.
Според него, интеграцијата во НАТО има директно и мерливо позитивно влијание врз: развојот на инфраструктурата, (патиштата, железницата, комуникациите и енергетските преносни системи).
- Членството во НАТО нема да ја премести Република Македонија од Балканот, но ќе ја сочува од „балканизацијата“, рече министерот Бесими.
Позитивните ефекти од вложување во вооружените сили врз економскиот раст според теоријата, укажа, се зголемување на сигурноста, подобрување на воената и цивилна инфраструктура, зголемување на вработеноста, како и нова технологија и знаење. Смета дека како негативни ефекти можат да бидат намалување на инвестициите во другите битни области како што се образование и здравство.
Како индиректни бенефити за економијата од евроатланските интеграции, ги спомена поголема безбедност и стабилност на пазарот, зголемен интерес за директни странски инвестиции, поголем интерес за инвестирање од страна на земјите членки на НАТО, заинтересираност за поврзување на деловните субјекти и отварање на свои филијали во нашата земја, како и зголемување на препознатливоста на Македонија и на нејзините ресурси од секаков вид од страна на земјите членки.