Пред кинески глобални компании презентирани потенцијалите за инвестирање во Македонија
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски во рамките на работната посета на Ченгду, Народна Република Кина, се сретна со високи претставници на повеќе кинески компании од областа на автомобилската индустрија.
Како што соопшти неговиот кабинет, за време на средбите, од страна на македонската делегација биле презентирани потенцијалите и карактеристиките на Република Македонија во делот на бизнис климата, позитивната даночна политика, како и поволните услови и можности кои државата ги овозможува за странските инвеститори.
За време на работниот престој во НР Кина, беше остварена и посета на компаниите “Geels International Corporation”, „Dongfan Electric Corporation (DEC)“ и „Maipu Communication Technology“.
Главна дејност на “Geels International Corporation” е производство на автомобили, мотоцикли, мотори и менувачи. Компанијата е основана во 2002 година, а своите производи ги пласира на пазарите ширум светот. “Geels International Corporation” има отворено сопствени канцеларии во нејзините стратешките пазари на Блискиот Исток, Африка, Југоисточна Азија и Централна и Јужна Америка. Дополнително, компанијата има повеќе од 50 прекуокеански претставништва и дистрибутери и постигнува прекуокеанска продажба на повеќе од 100.000 возила, годишно. За сериозностa и успешноста на оваа компанија говори и фактот дека во 2010 година, “Geels International Corporation” го купи шведскиот производител на автомобили „Волво“ од дотогашниот сопственик, американскиот автомобилски гигант „Форд“.
Компанијата „Dongfan Electric Corporation (DEC)“ е една од најголемите групации под директна управа на кинеската централна власт. Компанијата постои повеќе од половина век и својата работа ја има диверзифицирано во повеќе сектори. Таа е специјализирана за преработувачка индустрија, истражување и развој на најсовремена технологија, реализирање на договорни меѓународни инженеринг проекти, како и извоз на софистицирани постројки и опрема. Поради својата репутација, капацитет и придонес, ДЕЦ важи за една од врвните кинески компании за производство на технологија и опрема за индустрија и тешка машинерија. Исто така, компанијата поседува преку 30% од домашниот пазар на термоелектрани и 40% од домашниот пазар на хидроелектрани.
Компанијата „Maipu Communication Technology“ е основана во 1993 година, а нејзиниот производствен асортиман го сочинуваат широк спектар на рутери, прекинувачи во ИП комуникации и опрема за безбедност и интегриран пристап. „Maipu Communication Technology“ има воспоставено свои претставништва во Кина, Индија, Сингапур и Индонезија со повеќе од 1.000 вработени, од кои најголемиот дел (околу 60%) се научници и експерти од областа на истражување и развој. Производите на компанијата успешно се продаваат во повеќе од 30 земји. Таа е водечки бренд за производи за вмрежување во индустријата во Централна и Источна Европа, Јужна Азија и Југоисточна Азија.
За време на посетата беше упатена покана до претставниците на кинеските компании од страна на Вицепремиерот Владимир Пешевски да ја посетат Република Македонија и директно да се запознаат со нејзините предностите и подобностите во сферата на бизнисот.