Полицијата откри 13-члена меѓународна група за фалсификувани платежни картички
Единицата за компјутерски криминал при центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во МВР разби 13 - члена меѓународна организирана криминална група инволвирана во изработка и употреба на фалсификувани платежни картички за вршење нелегални трансакции.
Организираната криминална група е составена од 12 македонски и еден црногорски државјанин, од кои М.Н.(29), Б.Т.(25), двајцата од Скопје и М.Р.(61), црногорски државјанин, се организатори на криминалната група. Ј.З.(25) од Прилеп, Ѓ.Р.(43), Е.Р.(19), Г.М.(31), С.Д.(36), Д.Д.(33), Д.П.(30), З.С.(39), С.Ј.(29), сите од Скопје и М.Р.(35) од Охрид, се членови на криминалната група.
Во рамки на спроведените мерки и активности за реализација на случајот, информира денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на прес - конференција во Скопје, Струмица, Охрид и Прилеп се приведени 14 лица, од кои по извршување разговор четири лица се пуштени, а 10 се задржани за натамошна постапка.
До Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал денеска е поднесена кривична пријава против тринаесет лица за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“ и „изработка и употреба на лажна платежна картичка“.
Министерката Јанкулоска информира дека вчера се извршени претреси на вкупно 11 локации, од кои десет во Скопје и една во Прилеп, на кои живееле/престојувале членовите на организираната група.
- Врз основа на судски наредби извршени се претреси во домовите на членовите на криминалната група при што е пронајдена опрема за прибирање податоци од платежни картички: 3 уреди (скимери) за преснимување на податоци од платежни картички кои се поставуваат на банкомати и служат за крадење податоци од платежни картички, повеќе делови од скимери, 9 фалсификувани платежни картички, 14 надворешни мемориски уреди, 19 компјутери, 22 телефонски апарати и 98 сим картички, рече Јанкулоска и додаде оти одземените предмети се доставени до Одделот за крим техника заради вештачење.
Во домот на Д.П. пронајден е пиштол и осум парчиња муниција кои ги поседувал без дозвола. По завршувањето на постапката против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Дел од членовите на криминалната група, укажа министерката, и претходно се кривично пријавувани за кривични дела извршени со фалсификувани платежни картички и имаат издржувано казна затвор како во Македонија, така и во Луксембург, Швајцарија, Грција и Србија.
- Утврдено е дека членовите на криминалната група извршиле вкупно 61 нелегални трансакции во вкупно 32 продажни места во Скопје и Охрид, од кои 26 нелегални трансакции во износ од 494.382 денари биле успешни, а 35 нелегални трансакции во износ од 1.577.436 денари биле неуспешни, потенцира Јанкулоска, додавајќи оти ова не мора да е финалната сума бидејќи може да се случи да бидат откриени и други трансакции кои во овој момент МВР ги нема регистрирано.
На почетокот групата била насочена кон вршење нелегални трансакции на продажни места, најчесто бензински пумпи во Скопје, за купување стока за широка потрошувачка и продажни места со техничка стока.
Јанкулоска истакна дека тие се договарале со сопствениците или вработените во определени објекти да ги користат лажните картички и да се изврши плаќање. И тие лица се веќе опфатени со кривичната пријава.
Во текот на февруари 2012 година кон криминалната група се придружил и Ј.З. кој со фалсификувани платежни картички кои ги набавувал од М.Н. вршел нелегални трансакции на продажни места во Скопје.
Во мај 2012 година со приклучувањето кон криминалната група на Г.М. и Д.Д. и С.Д. (брат и сестра) групата го насочила своето дејствување кон вршење нелегални трансакции со фалсификувани платежни картички на продажни места. На тој начин на 19.05.2012 година членовите на криминалната група, по претходен договор со С.Ј., келнер во ресторан во Скопје, посочи Јанкулоска, извршиле нелегална трансакција со фалсификувана платежна картичка во износ од 77.000 денари, плаќајќи за роденденска забава во ресторанот.
Во текот на јуни и јули 2012 година во Охрид, братот и сестрата заедно со Г.М., а по претходен договор со М.Р., сопственик и управител на салон за убавина и златара, извршиле три успешни нелегални трансакции во износ од 181.500 денари и 14 неуспешни нелегални трансакции во износ од 1.130.300 денари.
Ѓ.Р. и Е.Р. (татко и син), рече министерката за внатрешни работи, биле задолжени да поставуваат уреди за прибирање податоци од платежни картички во странство, кои податоци подоцна ги доставувале на М.Н., а тој заедно со непознат бугарски државјанин ги изработувал фалсификуваните платежни картички.
З.С. бил задолжен да врши нелегални трансакции со фалсификувани платежни картички во странство.
Ова е трета истрага која што Единицата за компјутерски криминал ја спроведува во координација на СЕЛЕК Центарот.
За претходните две истраги спроведени во текот на 2010 и 2011 година, ЕКК од страна на СЕЛЕК Центарот беше наградена за успешно спроведените истраги.