Можностите за инвестирање во Македонија пред индиски бизнисмени

Македонска владина делегација  денеска ќе  ги претстави можностите  за инвестирање во Македонија, пред индиски стопанственици во Бангалор, Индија, кој е најголем ИТ центар во светот.

Делегацијата составена од министрите за информатичко општество и за странски инвестиции Иво Ивановски и Бил Павлески, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо и економскиот промотор во Индија Тони Атанасовски, вчера  одржа презентација на поволностите за инвестирање, во Тривандрум, Индија.

Министерството за информатичко општество и администрација соопшти дека најголем интерес компаниите пројавиле за секторите ИТ и ИТ паркови, здравство, едукација, минерални суровини и туризам. На форумот присуствувале над 70 компании од различни сектори, а почесен гостин на настанот бил сопственикот на реномираната компанија IBS, лидер во развојот на софтвери во авионската индустрија.
 
Тривандрум се наоѓа во индиската држава Кирала, која има 33 милиони жители и важи за еден од трите најуспешни ИТ центри во Индија со реномирани ИТ паркови  и присуство на најголемите ИТ компании од листата на Fortune 500.