Повторно паѓаат цените на лековите

Од 15 октомври ќе бидат намалени цените на 346 лекови, од кои 139 се иновативни, а 207 генерички, информираше министерот за здравство Никола Тодоров по работниот состанок со премиерот Никола Груевски.

Цените на иновативните лекови просечно ќе бидат снижени за 8,6 отсто, а генеричките за 15,2 отсто. Споредено со прометотот од овие лекови во 2011, вкупната заштеда на годишно ниво се очекува да биде 3.800.000 евра (1.000.000 евра кај иновативните и 2.800.000 евра кај генеричките лекови).

Тодоров на прес-конференција потсети дека со намалувањето на цените на 1.290 лекови во фервуари, со новото поевтинување досега се опфатени вкупно 1.636 лекови. Тие што овој месец ќе имаат пониски цени се од различни фармацевтски компании и за различни видови болести - крадиоваскуларни, респираторни, за лекување епилепсија, остеопороза, за хормони...

- Цените се работени транспарентно и очекуваме сите компании во понеделник да аплицираат согласно со Методологијата за одобрување на единствените цени. Станува збор за лекови со соодветни стандарди за квалитет, сигурност и ефикасност и, што е најважно, ќе се одржи присуството на лекови произведени од реномирани фармацевтски индустрии. Сето ова покажува дека оваа реформа која ја спроведуваме во делот на лековите  во континуитет успешно се имплементира и таа ќе овозможи сериозна заштеда во здравствениот систем што ќе се почувствува од јавните здравствени установи и од граѓаните кои ги набавуваат лековите во аптеките, рече Тодоров.

Тој посочи неколку лекови кај кои ќе има драстично намалување на цените, како „Клопидогрел“ за најтешко срцевоболни и со прележан инфаркт, кој од 1.500 се снижува на 996 денари. Цената на „Аторвастатин“ за покачени масти се намалува за 70 отсто,  за речиси 60 проценти ќе биде поевтин и лекот „Оланзапин“. Од 18 до 40 отсто ќе бидат намалени и цените на некои антибиотици (како „Цефтриаксон“, „Панцеф“...). Како особено значајно министерот го спомна и намалувањето на цените на поголем број цитостатици, пр. „Темодал“, кој ќе биде поевтин за 14 отсто.

Намалувањето на цените е согласно со измените на Законот за лекови и донесената Методологија  за начинот на формирање на цените на лековите. Максималната цена на лекот на големо ја утврдува  Агенцијата, односно Бирото за лекови двапати годишно. Следното намалување ќе биде во март 2013 година.