Промовирани 22 наслова од проектот за превод на илјада стручни и научни книги
Нови 22 наслова од повеќе научни области беа промовирани денеска во рамки на проектот за превод на 1.000 стручни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети. Со денешната 42-ра промоција, вкупно 737 книги се преведени, отпечатени и дистрибуирани до библиотеките.
Новите наслови се од областа на архитектурата и градежништвото, правото, биотехничките и земјоделските науки, ветерината, економијата, филолошките и филозофските науки...
Промовирајќи ја новата серија книги од проектот, кој почна во 2009-та, премиерот Никола Груевски повторно апелираше тие да се користат како основна литература, зашто се современа научна мисла и се користат на првите десет рангирани универзитети во светот.
- Пред нас се делата на плејада светски автори, научници, познати професори од најпрестижните универзитети во светот...Образованието и носи нов капитал на државата, нови кадри и научници и нови пронајдоци. Развојот на поединецот продуцира и развој на групата, на цела фела и развој на државата, рече Груевски.
Посочи дека со овој проект е надминато времето кога обрзовниот систем, како што рече, го враќал младиот човек неколку чекори назад и кога децата учеле од истите книги или скрипти како и нивните родители, стари и по неколку децении.
- Го имаме најдоброто што во моментов го има во светот. Она што го учат студентите во Америка, Англија, во најразвиените држави, од истите учебници може да учат и македонските студенти. И не само што ќе имаат поголемо знаење, туку ќе имаат и многу поголема самодоверба... Овие книги носат нова вредност и затоа апелирам да се промовираат, анализираат, да се користат и да допрат до што поширок круг луѓе во нашата држава. Во догледно време ваквите трендови ќе донесат огромни придобивки за сите наши граѓани, истакна претседателот на Владата.
Министерот за образование и наука Панче Кралев рече дека преводот им олеснува на студентите светската литература да ја следат на мајчин јазик и посочи дека има голем интерес за досега преведените изданија, со кои овој проект е речиси три четвртини реализиран.