Средба на министерот за надворешни работи Попоски со вицепремиерот и министер за дијаспора на Словенија Новак
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска во Скопје, имаше средба со вицепремиерот и министер за дијаспора на Република Словенија, Људмила Новак.
Во разговорот, како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи, беше изразено заемно задоволство од позитивниот тренд во развојот на севкупните македонско-словенечките односи и меѓусебната соработка.
Министерот Попоски, од своја страна искажа благодарност за интеграцијата на иселениците од Република Македонија во словенечкото општество и за можностите за зачувување и афирмација на нивниот национален и културен идентитет. Ја поздрави и финансиската поддршка од Република Словенија кон заедницата на Македонците за реализирање на проектите од областа на културата и образованието. Изрази интерес за воведување факултативно изучување на македонскиот јазик во образовниот систем на Република Словенија. Министерот Попоски на средбата иницираше и склучување Спогодба за заштита на македонското малцинство во Словенија и на словенечкото во Македонија, нагласувајќи дека Македонија веќе има такви Спогодби и со други држави од регионот.
Вицепремиерот и министер за дијаспора на Словенија, Људмила Новак, ја потврди успешната интеграција на Македонците во Словенија и истовремено се заблагодари за позитивниот однос кон словенечкото малцинство во Република Македонија.
Како што стои во текстот, заеднички беше констатирано дека активностите на македонските друштва во Словенија и на словенечките во Македонија се основа за продлабочување на пријателските односи меѓу двете земји и народи.