Промовирана научно-истражувачка текстилна лабораторија на Технолошко - металуршкиот факултет
Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, министерот за образование и наука Панче Кралев и деканот на Технолошко - металуршкиот факултет Александар Димитров денеска ја промовираа научно-истражувачката текстилна лабораторија.
Лабораторијата чија вредност е околу 450 илјади евра, ќе служи, пред се, за научно-истражувачки цели и ќе помогне во развојот на индустријата во Македонија.
Министерот Кралев потенцира дека оваа лабораторија ќе придонесе за развојот на текстилната индустрија во Република Македонија и ќе му помогне на самиот факултет во однос на научно-истражувачката работа.
- Оваа лабораторија е дел од проектот за набавка на научно-истражувачки лаборатории на Владата, проект кој континиурано се спроведува. Досега се набавени и инсталирани околу 85 лаборатории, а вкупниот број е 190 - број кој треба да го постигнеме следниот период. Интензивно, како течат набавките на лабораториите, така тие се доставуваат до факултетите и се промовираат, рече Кралев.
Тој информира дека научно-истражувачката текстилна лабораторија е една од најмодерните од овој вид. Со деканот, како што рече, веќе договориле следната недела да ја презентираат и пред текстилните кластери од стопанските комори.
- Оваа лабораторија, пред се служи за научно-истражувачки цели и за да помогне во развојот на индустријата, односно малите, средни и големи претпријатија да го напуштат системот на лон производство и да преминат на систем на целосен пакет, што значи од материјал набавка, преку дизјанирање и создавање сопствен македонски бренд, изјави Димитров.
На тој начин, како што рече, компаниите ќе можат да создаваат неколкукратно поголем профит од овој што во мометов го создаваат преку лон производство.
Покрај студентите на овој факултет, Димитров изрази надеж дека и индустријата ќе ја користи оваа лабораторија. Тој потсети дека на Технолошко - металуршкиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје годишно се публикуваат повеќе од 20 трудови во реномирани светски списанија.
- Кадарот го имаме, имаме научен потенцијал, ја имаме врската со индустријата и врската со кластерот на текстилните инженери. Се надеваме дека оваа лабораторија многу ќе придонесе во развојот на текстилната индустрија во Република Македонија, рече Димитров.
Годинава на овој факултет, во однос на лани, е зголемен бројот на студенти за 55 отсто. Во прва година во Скопје се запишани 120-тина студенти, а 20 на дисперзираните студии во Кавадарци. Според Димитров, тоа се уште не е доволно. Потребно е, додава, годишно да се запишуваат уште 40-тина студенти на овој факултет.