Ѓорѓиев: Финансиска поддршка и јакнење на Пазарниот информативен систем за подобар пласман на производството

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Промената на односот на понудата и побарувачката на светско ниво, предизвикано од климатските промени и цените на енергенсите, создава дефицит и суфицит на пазарот. Тоа има битно влијание и на цените во Македонија, но и на цените на нашите стратешки извозни продукти кои ги пласираме на странски пазари, но и ефект на обемот на производството и пласманот.

Планирањето на производството, преработувачката и продажбата на земјоделски производи и на артикли кои се добиваат од земјоделски производи има суштинско значење во обезбедувањето на профитабилност на сите учесници во тој процес: снабдувачите со репроматеријали, примарните производители, групите на производители, преработувачите, трговците на мало, трговците на големо и ланците на супермаркети.

За поголема профитабилност и продуктивност на сите овие субјекти неопходно е добро познавање на пазарните информации. Со добро менаџирање може да се остварат придобивки.

За оваа цел, Владата одлучи да преземе системски мерки, кои се однесуваат на воспоставување на систем за обезбедување на овие пазарни информации и пласман до засегнатите. Како дел од мерките кои ќе се спроведуваат континуирано на овој план, покрај системскиот пристап, Владата одлучи да преземе и да реализира и конкретни пакет мерки и активности чија цел е да се овозможи што поголем пристап на овие пазарни информации до земјоделците, преработувачите и трговците. Суштината на проектот се определува со тоа што, како, кога и за каде да се прозиведува и пласира, се со цел обезбедување на профит и задоволување на потребите на граѓаните.

Преку пазарните информации земјоделците, преработувачите и трговците, знаат што, како и каде, на кој пазар се продава или ќе се продава во идниот период, и согласно на тие информации што, како и кога треба да се произведе во областа на земјоделството, односно во преработувачката индустрија, и каде тоа да се продаде за да се обезбеди профит на сите учесници на пазарот. Добар систем овозможува планирање на ресурсите, планско производство, се со цел да се продаде она што ќе произведе и да се намалат евентуалните загуби и недостатоци.

Владата и МЗШВ претходно направија анализа која ги детектираше најголемите прдизвици на ова поле:
-немање на соодветна транспарентност на  проток на информациите и нивната достапност на секој засегнат учесник
-проблеми со капацитетот на човечки и технички ресурси на снабдувачите со пазарни информации
-ниското ниво на организирање на учесниците во ланецот за производство на определен производ
-недостатокот и практичната примена на мерките за заедничко уредување на пазарите,

Со цел да ја унапреди состојбата на ова поле, и да даде поддршка на земјоделците, преработувачите и трговците за квалитетно производство и пласман на производите Владата, за почеток, одлучи финансиски да ја помогне оваа сфера, да обезбеди и да овозможи пристап до пазарните информации, и да овозможи едукација и поддршка на овие целни групи.

Столб на системот е силен Пазарен информативен систем, и финансиска подршка за остварување на тесна соработка помеѓу земјоделците, преработувачите и трговците.

Прво, редовното функционирање на Пазарниот информативен систем (ЗПИС) во состав на МЗШВ, кој репортира за цените и продадените количини на најбитните земјоделски производи, ќе биде надградено со јакнење на капацитетот на репортерите за собирање, контрола на квалитетот и веродостојноста на пазарните информации и нивно поврзување со независните системи за воведување на пазарни стандарди и класирање на производите. Со тоа ќе се обезбедат повеќе корисни информации и предвидувања за пазарните движења особено за странските пазари кои ја одредуваат цената на клучните земјоделски производи, и така добиените информации редовно ќе се доставуваат до земјоделците во вид на редовни билтени.

Второ, Владата воведува две нови мерки за финансиска подршка на системот за обезбедување на пазарни информации

1. Во насока да се засили положбата и функционирањето на подсекторските групи во ефикасен систем, Владата во програмите за финансиска поддршка на земјоделството за 2013 ќе предвиди и ќе ангажира средства за поддршка на групите. Овие групи се веќе формирани, и се составени од  репрезентативните претставници од примарното производство и преработувачката индустрија, како и претставници на науката и образованието, и се однесуваат на стратешките производи, месо, млеко, жито, овошје, зеленчук, тутун, вино и слично... Со оваа финансиска поддршка на нивните потреби ќе се интензивира нивната работа, и тие во директен контакт треба да овозможат размена на пазарни информации во насока на договарање на производството и пласманот на земјоделските производи. Со финансиската поддршка значително ќе се зајакне нивниот капацитет за подобрување на вертикалната интеграција на земјоделските пазари. Висината на помошта ќе се утврди во соработка со подсекторските групи и нивните предлог-буџети.

2. Како мерка за подобрување на пазарната положба на ситните економски оператори на страната на побарувачката, Владата ќе спроведе дополнителни мерки за јакнење на капацитетот на групите на производители. Тоа се групи кои се составени од субјекти кои имаат слично производство и учество на пазарот на слични производи, или тоа е форма на организација на едно скалило на д задругите.  Владата ќе помогне преку обезбедување на финансиска поддршка како посебна мерка во програмата за рурален развој во 2013 година. Висината на финансиската поддршка ќе се определи во консултација со групите, а како основа ќе се смета нивниот вкупен обрт на средства на годишно ниво, и врз основа на тој обрт процентуално ќе се определува кофинансирањето на определени потреби кои тие ќе ги побараат, во смисла изградба на инфраструктурни потреби, ладилници, маркетинг и слично..Договорното спроведување на оперативната програма на овие организации на земјоделците поврзани за конкретна цел, организирано произведена количина на краен производ, во определена класа и преку пазарна трансакција продадена на некој учесник во ланецот на тој производ, ќе бидат основни правци на работа, со што ќе се овозможи нивна поголема информираност за состојбите на пазарите и зајакнување на нивната позиција на истите.

Со овие мерки земјоделците, преработувачите и трговците, тесно ќе се коориднираат, ќе го планираат производството, а со тоа ќе има помала загуба во производство или во пласман, и ќе се помогне во надоместување на недостатоците на потреби. Тие ќе имаат и увид во светските движења и потреби на странски земји, со што ќе можат да го подобрат и извозот и да остварат приходи и девизиен прилив.

За системот да е ефикасен и ефективен Владата ќе помогне уште со неколку чекори.

Во функција на јакнење на капацитетот на советодавните служби и нивна поддршка на земјоделците, АПРЗ ќе преземе активностите за да обезбеди квалитетни пазарни сознанија за земјоделците за најмалку 5 стратешки производи клучни за Република Македонија, а врз основа на направени детални анализи за секој производ поединечно, и на база на идентификуваните потреби, да изготви дополнување на советодавните пакети, пред се во сферата на пласманот. АПРЗ ќе обезбеди информации за пазарите на кои може да се продаваат нашите земјоделски производи по подобри цени.

Владата ја задолжи Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, во насока на обезбедување на квалитетни информации за надворешните извозни пазари, најдоцна до 20 ноември да направи анализа со цел да се утврди за кој конкурентен земјоделски производ и на кое ниво се задоволени потребите за квалитетни пазарни информации, а каде е потребно подобрување на достапноста на поголеми познавања. АСИПИ дотогаш треба да направи и анализа за пазарните потенцијали и движења, особено за перспективните, недоволно застапени светски пазари на кои може да се продаваат македонски производи и за истите е потребно да предложи план на активности за подобрување на состојбата.

Владата и МЗШВ ќе врши засилена едукација и поддршка на засегнатите страни во функција на воспоставување на систем за квалитет на земјоделските производи врз основа на Законот за квалитет на земјоделските производи. Со стапување во сила на одредбите на подзаконските акти од овој закон, економските оператори се должни ставањето на нивните производи во промет да го ускладат со одредбите за минимален пропишан квалитет, класификација и обележување. Од аспект на сложеноста и важноста, особено се истакнуваат системот за контрола на квалитетот на млекото за чие подобрување е подготвена и посебна стратегија, и отценувањето на квалитетот на месото на линија на колење, за што кон земјоделците и сточарите ќе има посебен пристап со цел нивно постапување согласно одредбите што ќе придонесе за сигурен пласман на нивните производи и нивна профитабилност.

Си сите овие мерки на финансиска поддршка, на едукација и обезбедување на квалитетни информации за движењеата на цените, понудата и побарувачката на домашните и странските пазари, системот за квалитет ќе биде издигнат на повисоко ниво, а земјоделците, преработувачите и трговците ќе ги зголемат своите можности за профитабилност на нивната дејност, намалување на загубите и остварување на поголеми приходи од производството и пласманот на производите.