Сарачини: ЕК генерално со позитивни оценки за економијата

Извештајот на ЕК што неодамна го добивме дава многу позитивни работи во делот на економијата, и тоа во услови на криза, во услови кога економијата е сериозно нарушена во рамки на ЕУ. Во Република Македонија се бележи прогрес во одредени сегменти, а констатирани се и слабости. Министерството за економија и Владата ќе работат напорно за следниот Извештај да биде многу подобар од овој што го имаме.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот за економија Ваљон Сарачини.

- Извештајот на ЕК ги потврдува напорите на Владата за подобрување на состојбите во домашната економија и условите за водење бизнис. Извештајот ја нагласува важноста на макроекономската стабилност на земјта во услови на турбуленции, не само во Европа туку и во светски рамки. Тоа е своевидна потврда за ефективноста на неколку пакети мерки што претходно ги презеде Владата за соочување со кризата што е присутна во Европа и со тоа значително успеавме на некој начин да ги амортизираме негативните ефекти од кризата, рече Сарачини.

Во делот функционална пазарна економија, во Извештајот се дава јасна слика дека либерализацијата на пазарот и на цените е веќе постигнат. Што за нас, како што рече, е од опгромно значење бидејќи тоа е резултат на низа мерки, активности и закони преземи од Владата. Сарачини потенцира дека овие регулативи се во целост хармонизирани со европското законодавство.

- Во Извештајот се вели дека е постигнат сериозен напредок во делот на стандардизација и метрологија. Ова е посебно значајно за Министерството за економија бидејќи двете институции се во наша надлежност, рече Сарачини.

Во Извештајот има сериозен прогрес во делот на слободно движење на услуги и стоки, како и слободно движење на човечки капитал. Ова алудира на фактот, како што рече, дека постојат добри услови за понатамошен развој на слободниот пазар, а со тоа и на економијата генерално.

- Очекуваме дополнително подобрување на работите во овој сегмент со донесување на Законот за услуги со што ќе се имплементира Директивата за услуги на ЕУ. Овој проект е веќе во завршна фаза, додаде Сарачини.

Во делот на конкурентноста, Сарачини рече дека е забележан сериозен напредок и потсети дека се донесени повеќе закони кои се однесуваат на реалниот сектор и на олеснување на условите за водење бизнис. Тој потсети дека се усвоени повеќе стратешки документи и акциони планови во делот на индустриската политика, Стратегијата за развој на мали и средни претпријатија...

- Во делот на поглавјето 06 Право на трговски друштва, очекувано ЕК повторно, како со години наназад го признава напредот на Македонија во областа на право на друштва. Дополнително беа донесени Законот за европско друштво и Законот за европски економски интересни групи како последна фаза во делот на финалното усогласување, рече Сарачини.

Во однос на сметководството и ревизијата, како што рече, јасно е дека прогресот е покажан со новиот Закон за сметководствена дејност, обуката и сертифицирањето сметководители, а останува и понатамошниот процес на јакнење на капацитетите на земјата во делот на спроведување на ревизијата.

- Во Извештајот е нотирано подобрување на квалитетот на извозот. Извештајот ја нагласува промената на структурата на извозот и тоа во позитивна смисла. Значаен удел во структурата на извозот имаат производите со додадена вредност, што пак се резулат на успехот на Владата во делот на привлекување на странски инвестиции и отворање на нови производствени капацитети. Промената на структурата во извозот е резултат на присуството на странските инвестиции во Македонија, како компаниите Џонсон Контролс и Џонсон Мети, кои за првите 6 месеци направија извоз во вредност од 550 милини евра, околу 16 отсто од вкупниот извоз, рече Сарачини.

Во Извештајот е укажан бенефитот од „регулаторната гилотина“, се нотира дека третата фаза од регулаторната гилотинха е завршена со што во гомема мера се скратени процедурите за малите и средни компании, а со тоа се намалени трошоците за водење бизнис. Од првиот Извештај до последниот, како што рече, е постигнат напредок на полето претприемништо и малите и средни претпријатија.

Сарачини информира дека во делот енергетика е постигнат одреден напредок или прогрес. Во делот сигурност во снабдувањето, како што рече, оваа година се донесе и новата уредба за критериуми и услови за прогласување на електроенергетска кризна состојба, начинот на снабдување со електрична енергија во овие услови, а дефинирани се и правата и обврските на носителите на лиценците за вршење на енергетски дејности. Во фаза на изработка е уредбата која се однесува на природниот гас.

Министерот за економија потенцира дека ЕК првпат призна реализиран напредок во однос на справувањето со стечаите, односно излезот на пазарот. Во период од 2011 и август 2012 година, бројот на отворени стечаи е 32 отсто повисок што значи побрзо постапување, додека истовремено просечното времетраење по ликвидација е намалено. Овој процес и понатаму ќе продиолжи, најави Сарачини, преку електронскиот стечај и системот во Централниот регистер.

Во Извештајот, како забелешки за еконимијата се недостиг на квалитетна работа сила, малиот буџет за малите и средни претпријатија и занаетчиството. Незадоволува и искористувањето на европските фондови за претприемништво и иновации како ЦИП...