Димовски: Позитивните оценки од ЕК поттик за уште поагресивно спроведување на аграрните политики
Извештајот на Европската комисија за напредокот на македонското земјоделство четврта година по ред бележи прогрес и дава позитивни оценки во повеќе сегменти.
Како што рече денеска на прес-конференција ресорниот министер Љупчо Димовски, во Извештајот се акцентира алоцирањето на зголемените финансиски средства за директна поддршка, напредокот во органскотото производство, во политиката на квалитет преку целосното воведување на законодавството за пазарните стандарди, барањата за обележување и етикеирање, како и во поставувањето на Интегрираниот систем за администрација и контрола на мерките на директни плаќања со воспоставувањето на Системот за идентификација на земјишни парцели.
Евидентирано е и почнувањето на активностите за уредување на пазарите на земјоделски производи, сегмент во кој останува да се спроведе амбициозната агенда на донесување подзаконски акти пред се во делот на квалитетот и класификацијата на земјоделските производи.
Оценката за напредокот во делот на политиката за рурален развој е умерена, додека во делот на виното се апострофираат активностите за целосно спроведување на системот на заштита на географските индикации базирани на веќе донесената законска регулатива.
- Препораките и квалификациите на Европската комисија ќе дадат поттик за уште поагресивно спроведување на владините мерки и политики, нагласи Димовски.
Забелешки во Извештајот има, но тие, истакна министерот, се однесуваат главно на недоволниот институционален капацитет. Владата прави напори да ги пресретне овие потешкотии преку вработување стручни лица особено во Платежната агенција или преку евентуално прераспоредување на расположливите кадри.
- Остварените дополнителни вработувања во Агенцијата, воспоставувањето дата база за референтни цени и зајакнување на капацитетот на Телото за управување со ИПАРД при Министерството се оценети како напредок во контролата и менаџментот со ИПАРД мерките, потенцира Димовски.
Според него, иден фокус на Министерството ќе биде интензивното спроведување на Акцискиот план за што поголема апсорпцијата на ИПАРД средствата.
Европската комисија смета дека на добар пат се и подготовките во областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика. Напредок има во контролата на болестите кај животните и нивната благосостојба, како и во подрачјето на ставање во промет храна, храна за животни и производи од животинско потекло.
- Прогрес е посебно евидентиран во однос на зајакнувањето на институционалните капацитети на Агенцијата, како и во имплементацијата на програмите за контрола и искоренување на заразните болести, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски.
Слаб напредок може да се забележи само во подрачјето фитосанитарна политика. Подготовките во оваа област не се многу напреднати, а тоа се должи, напомена Рунтевски, на недоволните административни капацитети на надлежните институции, нивната слаба координација, отсуството на меѓународните стандарди за фитосанитарните мерки, неискористениот капацитет на Државната фитосанитарна лабораторија,...
Одговорајќи на новинарско прашање во врска со ХАЦЦП контролите, директорот на Агенцијата за храна потврди дека тие во минатото не се реализирале како што треба.
- Веќе е изготвен систем за темелно испитување на ХАЦЦП во сите објекти, почнати се и активностите на терен. Очекувам за еден месец да имаме целосна слика за спроведената акција и да ги соопштиме резултатите. Казни, согласно законот, ќе има, рече Рунтевски.
Осврнувајќи се на нотираните забелешки, министерот Димовски на прес-конференцијата посочи дека интензивно продолжуваат активностите за функционирање на Земјоделскиот пазарен информативен систем кој обезбедува редовни податоци од земјоделските пазари, додека за следење на економското работење на земјоделските стопанства тековно, трета година по ред се прибираат податоци од 600 земјоделски стопанства преку Мрежата на сметководствени податоци од земјоделски стопанства.