Попоски: Траен мир на Балканот само преку регионално помирување, поврзување и интегрирање во Европа
Tраен мир на Балканот е можен само преку регионално помирување, поврзување и интегрирање во обединета Европа, истакна министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, кој на покана од својот турски колега Ахмет Давутоглу, денеска во Истанбул учествуваше на меѓународната конференција „Од Балкански војни до балкански мир“.
Попоски, во обраќањето на тема „Од балкански војни – во одржлив и траен мир на Балканот, со регионално помирување, поврзување и интегрирање во обединета Европа”, нагласи дека присуството на земјите од регионот со цел одбележување на стогодишнината од Балканските војни, претставува уште една потврда за приближувањето меѓу народите, споделување на минатото и надминување на стереотипите.
- Регионот доживеа еден долг процес на демократизација на нашите општества. Земјите од регионот ја градат својата заедничка иднина врз база на меѓусебно почитување и разбирање, рече министерот Попоски.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, како конкретен успешен пример на регионална соработка во обраќањето тој го потенцира Процесот за соработка во Југоисточна Европа со кој до идниот јуни претседава Република Македонија. - Процес кој ги идентификува патиштата на меѓусебна соработка и поврзување во сфери од заеднички интерес, додава Попоски нагласувајќи дека е потребно постојано да се негувааат и практикуваат регионалните иницијативи како рамки на зближување и соработка.
Учесниците на конференцијта заклучиле дека говорењето на регионот во еден глас е пристап кој треба да се практикува и да биде видлив на меѓународен план. Главен фокус на сите земји од регионот остануваат реформските процеси и јакнење на регионалната соработка. Според учесниците, Европа многу скоро ќе ја оствари својата историска мисија за нејзино целосно обединување преку интегрирањето на земјите од Балканот во Европската Унија.
На маргините на Конференцијата, министерот Попоски имаше билатерална средба со домаќинот, турскиот министер за надворешни работи Давутоглу на која стана збор за развојот на севкупните македонско-турски односи и за високото ниво на меѓусебна соработка.