Камери на шалтерите во болниците и амбулантите поради незадоволство на пациентите од работата на шалтерските работници

Пред и во 150 шалтери во 72 здравствени установи и пред амбулантите ќе бидат поставени камери. Станува збор за преинсталирање на веќе инсталирани камери. Ова е проект на Министерството за здравство, кој ќе стартува од 1 февруари, a е изготвен врз основа на резултатите од направените истражувањата кои покажаа изразено незадоволство на пациентите поради времето на чекање пред шалтерите.

Проектот денеска на прес-конференција го презентираше министерот за здравство Никола Тодоров кој рече дека целта на проектот е подобрување на задоволството на пациентите од работата на шалтерските работници.

Тој рече дека проектот ќе биде составен дел од измените на Законот за здравствена заштита и оти на последната седница на Владата е утврден како текст и ќе биде испратен во Собранието. Согласно текстот на Предлог законот, посочи Тодоров, се предвидува во секоја јавна здравствена установа пред и во шалтерот, како и пред амбулантите да бидат инсталирани камери на кои ќе има увид Министерството.

- Изминатиот прериод од Министерството беа инсталирани над 1.000 камери во сите јавни здравствени установи. Министерството денеска промовира проект кој се однесува на искористување на овие камери. Направи анализи и истражувања од страна на реномирана куќа која врски социолошки истражувања. Истражувањата покажаа изразено незадоволство на пациентите поради времето на чекање пред шалтерите, рече Тодоров.

Во последната анкета, укажа тој, на прашањето „Дали за задоволни од времето на чекање“, над 50 проценти дале одговор дека не се задоволни од повеќе клиники и општи болници. На прашањето „Генерално дали сте задоволни од односот на шатерските службеници“, „со воопшто незадоволен“  во повеќе клиники одговориле над 30 проценти од граѓаните.

- Ова е сериозен импликатор дека Министерството мора да преземе сериозни мерки за надминување на овој проблем. Новина е што Министерството ќе набави еден т.н.крауд менаџмент софтвер кој автоматски ќе препознава секогаш кога пред определен шалтер има определена метеж и за тоа веднаш ќе бидат алармирани лицата кои ќе работат на овој систем по што ќе следи испраќање на СМС порака на директорот на ЈЗУ дека на тој шалтер има метеж, истакна Тодоров.

Посочи дека во секој шалтер ќе биде инсталиран телефон од кој не ќе може да се врти и на кој, во случај доколку се појави метеж на шалтерот и ако системот алармира, специјално овластени лица од Кабинетот на министерот за здравство ќе направат телефонски разговор со шалтерскиот работник и ќе го предупредат дека на шалтерот има турканици, а исто така ќе разговараат и со директорот на ЈЗУ.

-Претходно планираме да имаме пилот проект во Градската општа болница „8 Септември“ преку инсталирање на ваков тип уреди. Очекуваме дека на овој начин ќе се зголеми задоволството на граѓаните од работата на јавните здравствени установи, додаде министерот за здравство Никола Тодоров.