Груевски на средба со претставнички на Македонското женско лоби и на Комисијата за еднакви можности
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (четврток, 25.10.2012 година) оствари средба со претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности помеѓу жените и мажите, г-ѓа Лилјана Поповска, и претставнички на Македонското женско лоби.
На средбата стана збор за повеќе теми од значење за промоцијата на еднаквите можности, родовата еднаквост, политиките кои Владата ги презема за засилување на можностите и реализација на интересите на жените во општеството, како и за состојбите и проблемот со намалениот наталитет во општеството, и можностите и механизмите за надминување на тој загрижувачки предизвик.
Премиерот ја истакна стратешката определба на Владата за развој и промоција на правата, интересите и можностите на жената, која определба на дело се реализира преку повеќе политики, мерки, активности и проекти кои се содржани во програмата за работа на Владата, чија цел е да се излезе во пресрет на барањата на жените и женските организации, како што меѓу другите се поддршка на жените претприемачки, поддршка на жените земјоделки, бесплатните станови за социјално ранливи групи меѓу кои самохраните мајки, и други проекти. Тој изрази и подготвеност за реализација на понатамошни проекти од интерес за жените со акцент за економско зајакнување на нивната позиција.
Премиерот се осврна и на загрижувачкиот проблем со намалениот наталитет во општеството, и негативните ефекти кои произлегуваат од тој факт. Тој ги информираше присутните дека Владата во соработка со Универзитетите ќе подготви стратегија околу ова прашање, која ќе содржи приказ на актуелните состојби, причини кои доведуваат до овој проблем, како и препораки и можности за надминување на проблемот во интерес на целите на општеството.
Од страна на присутните претставнички на собраниската Комисија за еднакви можности помеѓу жените и мажите и Македонското женско лоби беше истакната поддршката на преземање мерки за надминување на проблемот со намалениот наталитет, и промоција на позицијата на жената во македонското општество преку економска, социјална, културна и поддршка во сите останати сфери.
На средбата стана збор и за реакциите во јавноста кои се појавија поради различното толкување од поентите од говорот на премиерот Груевски на Свечената академија за Денот на македонската борба, при што премиерот Груевски апелираше да не се вади од контекст дел од негова изјава, од страна на опозицијата и здруженијата блиски до нејзе, во недостаток на аргументи, проекти, свежина, и понуда, истакнувајќи дека оваа тема не смее да се злоупотребува во политички цели, и да се сведе на дневно политиканство, затоа што се работи за важно државно прашање. Целиот говор има содржинска суштина за почитување на семејните вредности, бракот и семејството како основни клетки на општеството, на жената и мажот, како и промоција на родовите права и можности во општеството.
Соговорниците се согласија дека во идниот период ќе се продолжи со политиките и мерките, и општо со работа за остварување на поголема промоција на правата на жената во општеството, и поддршка на нејзините можности, како и со заедничка дискусија, во која експертите, стручната јавност и засегнатите здруженија ќе дебатираат за надминување на проблемот со намалениот наталитет во согласност со интересите на општеството и правата на избор и одговорен пристап.