Средба Груевски - Николиќ: Продолжува градењето на добрососедски односи и на соработката во сите области

Претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски, вчера (петок, 26.10.2012 година) оствари работна вечера со претседателот на Република Србија, г-дин  Томислав Николиќ.

На средбата беа истакнати добрите билатерални односи кои постојат помеѓу двете земји, и беше изразена посветеноста за нивно понатамошно надградување и динамизирање.

Беше потенцирано дека двете земји ќе продолжат да работат  на зголемување на економската соработка, засилување на трговската размена и поддршка на инфраструктурните проекти кои се од интерес за двете земји.

Премиерот Груевски го истакна македонското искуство во поглед на реформите кои ги спроведува државата и кои наидоа на позитивни оценки од Европската Комисија во последниот извештај за напредокот на Република Македонија кој содржи позитивни квалификации за напредокот на земјата и препорака за определување на датум за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската Унија.

Соговорниците разговараа и за реформите кои ги спроведуваат двете земји за унапредување на различните општествени сфери, со осврт на справување со последиците од европската должничка криза, и механизмите и можностите за надминување на предизвиците кои се предизвикани од неа, и обезбедување на услови за раст и развој на економиите и подобрување на стандардот на граѓаните.

Премиерот Груевски и претседател Николиќ ја истакнаа својата посветеност на продолжувањето на градење на добрососедски односи и продолжување на соработката во областа на културата, образованието и останатите општествени дејности.