Груевски доби поддршка од Нечас за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ

Чешката Република традиционално ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО. Чешка генерално го поддржува проширувањето на ЕУ и на сите досегашни настапи на кои се зборувало за Македонија во контекст на проширувањето таа била на наша страна, изјави претседателот на македонската Влада, Никола Груевски по денешната средба во Прага со чешкиот колега Петр Нечас.

Оценувајќи дека особено сега е многу важно да продолжи поддршката, Груевски рече дека добил потврда оти Чешка ќе и помогне на Македонија по однос на добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, јави дописникот на МИА од Прага.

- Чешката поддршка се однесува и на планот на Европската комисија која неодамна кажа дека во декември Македонија треба да добие датум и преговорите да започнат без одлагање, а дека спорот што го отвори Грција пред дваесетина години треба да се решава во текот на преговорите или како што тие рекоа во порана фаза на преговорите меѓу ЕУ и Република Македонија. И бездруго во билатералните односи, Чешка не ословува како Република Македонија и договорите ги потпишуваме под нашето уставно име, така што  средбата беше успешна, рече Груевски.

Тој додаде дека со чешкиот премиер разговарале и за други прашања, констатирале дека расте економската размена меѓу Македонија и Чешка, особено делот што се извезува од Македонија.

Средбата меѓу двајцата премиери беше искористена од македонска страна за да се испрати покана до чешките инвеститори да инвестираат во Македонија.

- Чешкиот премиер укажа дека повеќе компании од различни области имаат интерес да инвестираат во Република Македонија така што очекувам во иднина работите да се одвиваат во добар правец особено затоа што нашата земја нуди добри услови за правење бизнис. Повеќе меѓународни институции во нивните извештаи ги имаат констатирано поволните услови. Највпечатлив е оној во редовниот извештај на Светската банка, ,„Дуинг бизнис" каде Македонија од 96-тата, сега е рангирана на 23-тата позиција во светот според условите за правење бизнис, изјави Груевски.

Македонскиот премиер вчера имаше обраќање и на пленарната седница на 58. годишното заседание на Парламентарното собрание (ПС) на НАТО, што од 9 до 12 ноември се одржа во Прага. Тој оствари неформална средба и со Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, на која двајцата размениле мислења околу реформите што ги спроведува Македонија, како и околу евроатланската интеграција на државата.