Груевски: Има интерес за инвестиции во туристичките зони
Премиерот Никола Груевски очекува и во текот на наредната година работите во туризмот да продолжат да се движат во добра насока и да има зголемување на бројот на туристи.
- Во минатиот месец бројот на странски туристи во Македонија е зголемен за 8 проценти, а бројот на ноќевања за 19 проценти. Тоа е резултат на едно подолго залагање на Владата и инвестиции и проекти во областа на туризмот. Освен што ја збогативме понудата, дадовме и субвенции за тур-оператори и за нови летови, вложуваме во развој на различни видови на туризам и имаме нови планови, изјави премеирот Груевски во одговор на прашање по пуштањето во употреба на новиот Дома на култура во општина Илинден.
За следната година, додаде, се алоцирани три милиони евра како директна поддршка на туризмот, но и дополнителни проекти кои директно или индиректно ќе му помогнат на туризмот.
- Новина ќе биде што ќе стартува реализацијата на Туристичките развојни зони за кои неодамна Собранието го усвои законот, сега веќе правиме првични подготовки. Има интерес од крупни инвеститори да купат некои од туристичките развојни зони и да направат во нив голем број на хотели, забавни центри и други содржини кои на некој начин ќе влечат туристи, рече Груевски.
Самите инвеститори кои ќе вложат многу пари, нагласи, ќе мора да најдат начин да донесат туристи за да си ја повратат инвестицијата.
- Влегуваат со конкретен план како да вложат огромни средства, но и како да ги повратат зошто секој инвеститор сака да оствари профит. Тоа е добро за Македонија бидејќи неговото остварување на профит ќе значи и девизен прилив за државата, зголемување на бројот на туристи, зацврстување на Македонија и зајакнување на туристичката мапа на светот, а пред се на Европа, потенцира Груевски.
Во тој правец, додаде, сериозен придонес е што Владата минатата година донесе одлука почетна цена за јавно наддавање на градежното земјиште за изградба на хотели да го сведе на едно евро за метар квадратен и тоа охрабри многу иинвеститори да се појават на државните јавни тендери за купување на земјиште. Дополнителен импулс беше и фактот што овозможивме за 95 отсто да се намалат комуналиите за изградба на хотели со што се сведени на речиси симболична цена.
-Со токлу многу вложување, вклучувајќи ги и меѓународните камапњи за привлекување на туристи и се поголемиот интерес од страна на меѓународните тур операторите работите ќе продолжат да одат во добар правец. Освен што ќе има финансиски подршки и нови туристички понуди од типот на музеи и други содржини од областа на културата, историјата, и генерално на туризмот, ќе продолжи и целокупната финасиска поддршка од страна на Владата така што очекувам работите да одат во добар правец, посочи премеирот Груевски.