Македонија раззеленета со уште над три милиони дрвца

Под мотото „Спортски е да се сади“ денеска се одржа 10. јубилејна акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“.

Иницијативниот одбор „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“ акцијата ја оцени како успешна со излезеност над очекуваната и покрај лошите временски услови и дождот кој зафати поголем дел од територијата на земјава.

Во ноемвриската акција предвидено беше да се засадат 3.200.000 садници на површина од 803 хектари. Од предвиденото, 574 хектари се нови површини, 131 хектар се површини кои ќе се коригираат, а 98 хектари опожарена површина. Уште околу два милиона садници ќе бидат засадени од АД „Македонски шуми“ до крајот на годината, со што вкупниот број дрвца со кои ќе биде пошумена Макеооднија ќе достигне 5.200.000.

Се пошумуваше на повеќе локации, односно на сите површини на кои се садеше во изминатите пет години - Ајватовски Рид, Водно, Мршевци..., а најзастапени ќе бидат автохтоните сорти на дрвца, чемпрес, црн и бел бор...

Заради поголема излезеност во акцијата, Владата донесе одлука денешниот ден да биде неработен за граѓаните на Република Македонија.  

Традиционално и оваа година дрвца засадија претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, министри, претставници на дипломатскиот кор, армијата, ученици, познати спортисти...

Според показателите од Инспекторатот за шумарство во 2008 година засадени биле 5.300.000 дрвца, а успешноста била 57,50 отсто, во 2009 година 7,5 милиони со успешност од 68,84 проценти. Во 2010 се засадени 7.645.000, а успешноста била 57,73 отсто. Во 2011 година пошумувањето било направено со 3.400.000, а до ноември годинава, пак, со речиси два милиона садници.

Вкупно од 2008 до 2011 година се пошумени 12.200 хектари со 30.400.000 садници.