„Фајненшл Тајмс“ со позитивни оценки за македонската економија
Фразата „јужна балканска нација“ и „леснотија во водењето бизнис“ се познати кај некои од лидерите на бизниси на запад. Но, доколку не сте забележале, Македонија е на 23 место според последната ранг листа на Дуинг бизнис, пренесува угледниот лондонски весник „Фајненшл Тајмс“ (ФТ) во сторијата посветена на македонската економија, насловена Macedonia: Doing Business?, објавена на блогот на весникот.
Во статијата се вели дека и не е чудо што токму тоа беше истакнато од премиерот на Република Македонија Никола Груевски, за време на официјалната посета на Будимпешта.
- Во 2006 година Македонија беше на 96 место во светот според годишниот извештај на Светската банка. Сега Македонија е на 23 место, а зад неа се дури 20 земји членки на ЕУ, како и сите земји во централна и источна Европа, истакна Груевски на 13 ноември во главниот град на Унгарија, пренесува ФТ.
Само Естонија, која е на 21. место и Грузија на 9., се пред Македонија, но Македонија е цели 12 места пред Словенија, која обично беше прва помеѓу земјите од поранешна Југославија.
- Коалициската Влада на Груевски од 2006 година се осигури дека земјата ќе има најниски трошоци за водење бизнис во Европа, како и најниски даноци. Според спроведените мерки, се скратија даноците за точно 10 отсто, приходите за социјално осигурување се скратија за 27 отсто, а на компаниите им се обезбеди регистрација за само 4 часа со едношалтерски систем, пишува угледниот весник.
Во статијата се констатира дека минималните даноци и понатаму се намалуваат доколку инвеститорите се сместат во една од технолошките индустриски зони, а многу од нив веќе се отворени за работа или се во изградба.
Со оглед на тоа дека Македонија има доброобразована работна сила, повеќето граѓани зборуваат англиски јазик и плус друг светски јазик, земаат бруто плата од 430 евра месечно, не е ни чудо што толку инвеститори се заинтересирани за Македонија, нагласува ФТ.
- Груевски особено се гордее со отворањето на фабриките на „Џонсон Контролс“ кои започнаа со работа во 2008 година, а оттогаш отворија и нова фабрика. Оваа година пристигнаа многу инвеститори како „Кромберг и Шуберт“, „Дрекселмаер“ и „Ван Хол“. Овие три проекти со инвестиции од 75 милиони евра, се очекува да вработат над 7.000 луѓе, стои во написот.
Македонија, со население од 2,1 милиони жители, очајно сака отворање на нови работни места. Во периодот од 2007 до 2008 година бројот на невработени се намали од 39 на 31 процент, но Груевски признава дека овој број е тешко да се намали, но дека постојано се работи на отворање нови работни места, пренесува ФТ.
- Груевски е економист. Тој има амбициозни планови за инфраструктурата на Македонија, гради патишта и ја модернизира железницата за земјата да се поврзе со соседните земји како Бугарија и Албанија, со што граѓаните нема да мора да патуваат само преку Солун, се нагласува во натписот од ФТ.
Тој, се додава, исто така сака да ги промовира инвестициите во енергетскиот сектор. Според Светската банка, Македонија е на 101 место од вкупно 180 земји, а капацитетот на земјата од 1,380 мегавати се постигна во 2007 и 2008 година.
- Се фокусираме за отворање нови капацитети, главно во хидроцентралите. Имаме голем потенцијал кој не се користи, пренесува ФТ изјава на премиерот Груевски.
Тој сака да привлече инвеститори кои би покриле 49 отсто од ЕЛЕМ во замена за инвестиции за нов капацитет.
Владата, исто така, сака да привлече инвестиции во земјоделството, туризмот и текстилната индустрија, поради што се отвораат текстилни фабрики затоа што постои евтина можност за тоа, како и блискост со Европа и голема флексибилност.
- Имаме независност само 21 година. Пред тоа бевме под друга власт, под други земји. Сега имаме своја независност, нормално е да си направиме свои статути и симболи со кои се карактеризираме. Тоа се правеше во сите земји. Исто така, тоа е многу привлечно за туристите. Откако се започна со проектот, бројот на туристите порасна за 20 отсто и мислам дека сите тие инвестиции ќе се исплатат, рече Груевски.
Тука е и „Скопје 2014“, проект на Владата за разубавување на главниот град на Македонија. Се инвестира во споменици и скулптури, а најистакната од нив е фонтаната висока 22 метри, изработена од бронза и наречена „Воин на коњ“, се заклучува во статијата на ФТ.