Меѓународна конференција за човечки ресурси
„Човечките ресурси како бизнис партнер“ е тема на 4. Меѓународна конференција за човечки ресурси што денеска се одржува во Скопје во организација на Македонската асоцијација за човечки ресурси.
Патот кон евроинтеграциите како определба на нашата држава, според министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, ги наметнува потребите од промени во менаџментот заради континуиран развој на сите области, преку хармонизација на регулативата, но и градење култура која ќе обезбеди нејзино заживување.
- Создавањето интегрирани системи за управување со човечките ресурси во организациите е полесно изводливо во помалите организации и компании во приватниот сектор. Државната и јавната администрација има свои програмски цели за спроведување реформи во оваа област, градење соодветна инфраструктура за воведување ефикасни процеси и механизми во управување со човечките ресурси, истакна Ристовски.
За развој на секоја област и професија, тој смета дека е неопходно партнерство кое треба да се гради меѓу приватниот и јавниот сектор, заради обезбедување општоприфатени стандарди за работа, кои ќе придонесат за поквалитетна и поефикасна соработка при што од големо значење е можноста за размена на искуства и дефинирање на потребите од општ интерес.
- Една од програмските цели на Владата е привлекувањето странски инвестиции, за што се води отворена политика и се обезбедуваат поволни услови за вработување кадри, пред се со политики на ниски расходи за вработените преку даночни олеснувања и едни од најниските придонеси за плата во Европа, рече Ристовски.
Македонската асоцијација за човечки ресурси, како што информира претседателката Христина Лозаноска годинава добила членство во европската асоцијација со што, рече, се отвораат можности за интернационална интеграција и активно вклучување во проекти за стандардизација и сертификација на професијата во регионално и пошироко значење.
- Човечките ресурси се бизнис партнери на компаниите и организациите, а партнерството се гради со почитување на заедничките потреби и интереси, нагласи Лозаноска.
Менаџирањето на човечките ресурси е дел од стратегијата на Цементарница УСЈЕ, истакна Магдалена Славејкова, менаџер за човечки ресурси во компанијата. Таа посочи дека работат на преквалификација и доспецијализација на вработените со цел да го средат патот на развој на бизнисите и промената на пазарите, како и развојот на технологијата.
- Неопходен е развој на луѓето, нивна доспецијализација или промена на специјализацијата и развој на останати вештини, како што е комуникацијата и слично, со што се придонесува луѓето да може да се соочат со новите барања и предизвици со кои се соочува компанијата, со цел остварување на целите на компанијата и за одржлив развој, рече Славејкова.
Раководителот на делот за човечки ресурси во ЕВН Македонија Дарко Петровски информира дека во компанијата постои Академија за обуки каде се прават различни обуки и тренинзи, посебно во делот на специјалистичките обуки што им се потребни на вработените за да ја реализираат услугата што ја нудат за потрошувачите. Тој нагласи дека имаат обуки и во делот на информатичките технологии, лидерските и менаџерските способности за вработените.