Груевски-Бериша: Иднината на Македонија и на Албанија е во ЕУ
Македонците во Албанија и Албанците во Македонија да бидат искористени како кооперативна предност за продлабочување на врските меѓу двете земји, порачаа премиерите на двете земји Никола Груевски и Сали Бериша на денешната средба во Тирана.
- Албанската заедница во Македонија има значајна позиција и внимание и претставува значаен дел од македонското општество. Согледувајќи ја таа ситуација, го истакнав интересот за унапредување на положбата на македонското национално малцинство во Република Албанија со очекување дека и Македонците од Голо Брдо, Гора, како и од градовите Билишта, Корча, Подградец, Елбасан, Берат, Драч, Тирана и Кукс етнички ќе бидат признати и ќе им биде овозможена настава на македонски јазик согласно високите европски стандарди, изјави Груевски на заедничката прес-конференција по средбата.
Неговиот албански колега го уверил, како што рече, дека во Албанија граѓаните имаат право да се изјаснуваат за нивната етничка припадност и потекло. Албанија направила и се уште прави добро за да ги воспостави во оваа земја најдобрите копенхашки стандарди за правата и слободите на малцинствата.
Одговорајќи на новинарски прашања, премиерот Груевски рече дека реформите што ги спроведе Владата резултираа со четврти по ред позитивен извештај за Република Македонија од страна на Европската унија и четврта по ред препорака за почеток на преговорите.
- Очекуваме во декември да го добиеме она што го имаме заслужено, а тоа е почеток на преговорите. Посакувам и сметам дека навистина е заслужено оваа препорака на Комисијата да биде вреднувана на Европскиот совет и да добиеме датум за почеток на преговорите, подвлече премиерот Груевски.
Според него, никој повеќе од нас не сака да се отстрани последната пречка што ни стои на патот за реализација на европските и евроатлантските цели за што и посветено работиме.
- За таа цел и во насока на унапредување на добрососедските односи, Република Македонија, заради градење доверба и унапредување на дијалогот, иницираше конкретни активности со јужниот сосед, со предлози за одржување средби на различни нивоа, како и реализација на бројни билатерални проекти. Во тој поглед верувам и се надевам дека почнатите разговори неодамна во Њујорк ќе добијат силна динамика во идниот период, посочи Груевски.
Тој уште еднаш напомена дека иднината на регионот на ЈИЕ е во интеграцијата во Европската унија и НАТО.
- Ние сме посветени на тој процес и ќе продолжиме да бидеме посветени. Но, во декември очекуваме Грција да го респектира меѓународното право, а да не се доведува во непријатна ситуација и Европската унија во однос на почитувањето на меѓународното право и да партиципира во креирањето подобра атмосфера за решавање на овој проблем и за реализација на нивната заложба од Солунскиот самит за внесување на целиот регион во Европската унија, рече Груевски.
Според него, не е прашање дали нешто ќе се попушти, туку со добра волја да се почитува меѓународното право и на тој начин што побрзо да се најде решение прифатливо за двата народа.
Македонија, рече албанскиот премиер Бериша, направи голем прогрес и го доби статусот земја кандидат за членство пред неколку години.
- Убедени сме дека заслужува почнување на преговорите и оценување на заслужениот прогрес. Мирот, стабилноста и унапредувањето на Македонија, нивниот придонес во овој правец го гледам со голема заинтересираност. Прогресот на оваа земја и на мултиетничкиот живот како единствен случај, како одличен пример на Балканот, рече Бериша.
Албанија, додаде, ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ и смета дека нашата земја заслужува да ги почне преговорите за членство. Како што нагласи, Албанија го поддржува и членството на Македонија во НАТО. Иако официјално се уште не е членка, Македoнија, рече, де факто е дел од Алијансата.
Тој и Груевски ги оценија билатералните односи како многу добри и заклучија дека иднината на Македонија и на Албанија е во Европската унија. Двете земји ќе соработуваат за реализација на оваа заедничка цел, членство во ЕУ.
Двајцата премиери разговараа и за економската соработка, за Коридорот 8, како и за можностите за инфраструктурно поврзување - енергетско, железничко и автопатско.
- Се договоривме да направиме заеднички напори за Коридорот 8, за далекуводите и железничката инфраструктура, за автопатот Скопје - Тирана, обиколницата на Охрид. Го уверив премиерот дека албанската Влада ќе ја поддржи заинтересираноста на Македонија за трансјадранскиот проект за гас што доаѓа од Азербејџан, нагласи Бериша.
Во Тирана денеска беа потпишани и два меѓувладини договора, за меѓусебно признавање на возачките дозволи и за отворање на граничниот премин Требиште - Џепчиште.