Груевски: Постојат огромни неискористени можности за албанските и македонските бизниси
Политичка поддршка за македонско-албанските деловни иницијативи и поттик за максимално продлабочување на билатералната трговска соработка, испорача денеска премиерот Никола Груевски од бизнис фоурмот во Тирана.
Македонија и Албанија, нагласи во обраќањето, заеднички треба да покажат дека регионот на ЈИЕ прераснува во нова и привлечна дестинација на светската инвестициска мапа.
Оценувајќи дека постојат огромни неискористени можности за албанските и македонските бизниси, Груевски ги повика бизнисмените од Албанија да ја посетат Македонија и да ги искористат нејзините компаративни предности.
- Владата на Република Македонија е подготвена да ви излезе во пресрет и да обезбеди целосна поддршка за реализација на вашите бизнис планови, инвестиции, деловни потфати и соработка со македонските компании, напомена премиерот.
Информира дека Македонија е 23. држава според условите за правење бизнис на Светска банка, пред 20 земји-членки на ЕУ и пред сите земји во регионот.
- Од тој аспект сакам да им укажам на бизнисмените од Албанија дека во Македонија може да најдат добра бизнис-клима независно дали ќе прават некоја економија или можеби некоја инвестиција. Имаме стабилна економија, стабилна макроекономија со државен долг од 30 проценти што е еден од пониските во Европа, ниска инфлација, стабилна валута. Исто така сме и земја која нуди најдобар даночен пакет и најниски трошоци за правење бизнис во Европа, истакна Груевски.
Ако се земат предвид и слободните економски зони, Македонија, додаде, е одлична понуда не само за трговија, туку и за инвестиции.
- Во голем дел се потпишани речиси сите можни договори, ако некои фалат слободно можете да ни кажете, да работиме и на нив, сега останува и на вас да меѓу вас постигнете конкретни договори за соработка со кои ќе остварувате профит, ќе правите бизнис, а сето тоа ќе оди на конто на зголемување на меѓусебната економска размена меѓу Македонија и Албанија, потенцира Груевски.
Тој се задржа и на добрососедските односи како важен дел од европската визија на двете земји.
- Низ историјата нашите народи биле потчинети од многу окупатори и биле сведоци на многу војни. Денес ЈИЕ ја има историската шанса околу евроинтегративниот процес да се обедини и да изгради нови и поцврсти основи на политичка, економска и културна соработка. Паневропските коридори не се само транспортни рути, туку и развојни појаси кои треба да не обединат околу нашите европски вредности, рече Груевски.
Груевски се осврна на актуелните владини активности во делот на економијата кои беа тема на средбата со неговиот колега, премиерот Сали Бериша.
- Ги почнавме подготовките за изградба на железница преку ИПА-фондовите, а во изработка е и физибилити студија за енергетско поврзување меѓу Албанија и Македонија, меѓу Битола и Елбасан по што ќе следува реализација на проектот чие завршување се очекува до крајот на следната година. Во 2014/2015 година би требало да имаме градба на далновод меѓу Македонија и Албанија со што ќе се зацврстиме и на тој план, ќе можеме да правиме размена во трговијата со електрична енергија, посочи Груевски.
Тој и Бериша разговарале за заедничка изградба на обиколница околу Охридското Езеро. Албанија, рече, е подготвена за инвестирање во изградбата на автопатот од Гостивар до Охрид, Струга и албанска граница.
- Имаме потпишано најголем дел од најважните меѓудржавни договори. Денеска потпишавме дополнителни два. Еден за меѓусебно признавање на возачките дозволи, што ќе им го олесни движењето на граѓаните и на бизнисмените, и друго, за отворање нов граничен премин Џепиште - Требиште кое особено ќе им биде од помош на луѓето кои живеат во тој регион, рече Груевски.
Тој повтори дека Македонија и Албанија имаат иста стратешка политика во однос на зачленувањето во Европската унија. Во однос на НАТО, Македонија, подвлече, ги има исполнето сите услови и единствена пречка е блокадата на нашиот јужен сосед на која се работи за да се надмине.
- Имаме исти стратешки правец, работиме на тоа да се најдеме заедно во НАТО и во ЕУ и имаме добар дијалог меѓу владите, чести размени на делегации и средби, напомена Груевски.
Премиерите Груевски и Бериша на средбата во Тирана ги оценија билатералните односи како многу добри, се заложија за почитување на правата и слободите на малцинските заедници во двете земји и ја нагласија улогата на Албанците во Македонија и на Македонците во Албанија во зацврстувањето на врските меѓу двете држави.