Изградба на автопати и магистрали со кинеска помош
Изградба на автопатска делница Миладиновци - Штип и надградба на патната делница Штип - Кочани, како и изградба на автопат Кичево - Охрид и на патот Охрид - Св. Наум, се приоритетни инфраструктурни проекти за македонската Влада што треба да ги реализира преку соработка и поддршка со Владата на Народна Република Кина.
Меѓудржавниот договор денеска во Скопје го потпишаа министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и кинескиот амбасадор во Скопје Цуј Џивеи.
- Со Договорот се дава приоритет на изградбата на инфраструктурните проекти, односно патна и железничка мрежа, мостови, електроенергетски и телекомуникациски објекти и активно се охрабрува соработка помеѓу банките и компаниите во двете држави со цел непрекината и успешна соработка, рече министерот Јанакиески по потпишувањето на договорот.
Според него, паралелно ќе се работи на изградбата на сите планирани делници, но најбргу може да се почне со автопатот Миладиновци - Штип за кој веќе е изготвен финален проект и е почнат процес за експропријација. На ниво на автопат ќе биде и патот Кичево - Охрид, за кој исто така веќе се изготвени проекти, а за патот Охрид - Св. Наум Агенцијата за државни патишта во наредните две години треба да изготви проектна документација.
За финансирање на делниците се планира да се искористат дел од 10 милијарди евра што ги најави кинеската Влада за развој на Југоисточна Европа, со кредитирање преку кинеската Експорт импорт банка. Динамиката и димензионирањето на тие проекти, според Јанакиески, ќе биде согласно Стратегијата за надворешниот долг на Република Македонија.
- Моментно Владата на НР Кина најави дека имаат на располагање 10 милијарди евра наменети за развој на земјите од Југоисточна Европа, но можеби во иднина ќе има и други можности за развој на инфарструктурата. За патот Миладиновци - Штип нашата тенденција е да искористиме дел од тие 10 милијарди евра, а во иднина можеби ќе има и други поповолни линии или друг начин на финансирање. Во конкретниот случај за тие 10 милијарди евра се работи за многу поволно кредитирање од кинеската Ексим банка, појасни Јанакиески.
Владата, укажа, сака да се реализираат сите приорити, но мора да се исполнат сите услови согласно Стратегијата за надворешниот долг, капацитетот на двете држави и сите останати мерки што ќе бидат преземени во иднина.
- Како држава се уште сме во границата на ниско задолжени земји, но сепак треба да се почитува Статегијата за надворешниот долг во РМ при евентуални кредити за изградба на инфраструктурата. Но, овие проекти се наш приоритет и во соработка со Министерството за финансии и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски ќе утврдиме динамика, бидејќи паралелно Министерството за транспорт и врски со Министерството за финансии работи и на обезбедување средства за изградба на Коридорот 8 кон Бугарија и за гасификацискиот систем, појасни Јанакиески.
Кинескиот амбасадор во Скопје оцени дека договорот е резултат на долги подготовки и разговори помеѓу двете влади и претставува можност за продлабочување на соработката.
Договорот за соработка, меѓу другото, опфаќа и техничка помош од експерти, професионалци специјализирани за обука на домашни лица за изработка на развојни планови и други работи поврзани со инфраструктурните проекти, одржување тренинг курсеви, набавка на машини, опрема и материјали, размена на искуства за сигнализација и интегрирани системи...