Промовирана Националната стратегија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција
Министрите за внатрешни и за труд и сoцијална политика работи Гордана Јанкулоска и Спиро Ристовски денеска во Владата на Република Македонија ги промовираа Националната стратегија и Националниот акциски план за броба против трговија со луѓе и илегална миграција 2013-2016 година.
Стратегијата и Акцискиот план, според, Ристовски, претставува сеопфатна политика за борба против трговијата со луѓе со координирана акција на сите релевантни институции и организации, во која заштитата на човековите права на жртвите се максима.
- Клучните иновативни карактеристики на Стратегијата и Националниот акциски план предвидуваат силни превентивни мерки со кои ќе се делува на причините, односно на корените на трговијата со луѓе и работа со ранливите групи со цел спречување на оваа појава. Ќе се работи на подигање на јавната свест кај општата популација, а пред се кај младите, економско зајакнување на ранливите групи со олеснување на пристапот до пазарот на труд и организирање кампањи за намалување на побарувачката за користење на услуги од жртви на трговија со луѓе, истакна Ристовски.
Министерството за труд и социјална политика, додаде тој, има воспоставено механизам за упатување помош и заштита на жртвите на трговија со луѓе и во наредниот период посветено ќе работи на зацврстување на овој механизам согласно со меѓународните конвенции и стандарди.
- Како ранливи групи или потенцијални жртви на трговија со луѓе на кои ќе се посвети посебно внимание во наредниот период се деца и млади со ниско или без образование на возраст од 10 до 22 години, од сиромашни и дисфункционални семејства, деца без родители и родителска грижа..., рече Ристовски.
Во текот на годината идентификувани се осум жртви на трговија со луѓе, од кои четири малолетни и четири полнолетни лица. Од нив шест се женски, две се машки. Четири лица се државјани на Република Македонија, три се од Албанија и едно лице е од Босна и Херцеговина.
Изминатите години Министерството за внатрешни работи, според Јанкулоска, направи изменување на кривичниот закон со воведување построги казни на сторители на кривично дело трговија со луѓе особено кога станува збор за малолетни лица, воведување стандардни оперативни процедури за постапување со жртви кои с еидентични со десет земји од ЈИЕ, воведување дата-база на сторители и жртви на трговија со луѓе, реализација на обуки за над 600 полициски службеници, воспоставување државно прифатилиште за жртви на трговија со луѓе...
Сите мерки, нагласи, резултирале со судски пресуди за повеќе од 300 лица кои кривично биле пријавени за трговија со луѓе и криумчарење мигранти.
- И најновиот Акциски план за 2013-2016 година ќе донесе голем број нови активности со кои ќе успееме уште повеќе да ја намалиме трговијата со луѓе во Република Македонија. Во реализацијата на овој четири годишен план Владата учествува со 9,3 милиони денари, рече Јанкулоска.
До пред неколку години законските казни за трговија со луѓе беа до три години, но судската пракса, според Јанкулоска, покажувала дека многу ретко се изрекуваат затворски казни и воопшто не биле третирани кривичните дела кога жртвата е дете.
- Со измените на Кривичниот законик казната е четири години, а за малолетно лице, односно кога жртвите се деца казната е осум години затвор. Со ваквите казни и со почесто изрекување праќаме јасна порака дека недозволиво е во денешно време уште да постои ропство, кое во денешно време е трговијата со луѓе, нагласи министерката Јанкулоска.
Со Националната стратегија и Националниот акциски план за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2013-2016 година, според Виолета Јанковска национален координатор за борба против трговија со луѓе и илегална миглација, ќе се формираат локални комисии за трговија со луѓе во соработка со единиците за локална самоуправа, ќе се воспоставуваат мобилни тимови на локално ниво за идентификација, поддршка и помош на потенцијални жртви и ризични групи.
- Ќе продолжиме со обезбедување на бесплатна здравстевна заштита и бесплатна правна помош на жртвите на трговија со луѓе, ќе се воспостави државен Фонд за обесштетување на жртвите, ќе се идентификуваат потенцијални жртви на трговија со луѓе помеѓу илегалните мигранти..., рече Јанкуловска.