Македонските инвестициски можности претставени пред 200 компании во САД
Голем број американски компании покажаа интерес за македонските инвестициски можности, а дел најавија и посета на Македонија за детали за нивни евентуални конкретни инвестиции во тек на втората економска презентација годинава на македонската економија во САД.
Преку бизнис форуми и одделни разговори во изминатите денови во Детроит, Хјустон, Лос Анџелес и Сиетл, владиниот тим, предводен од премиерот Никола Груевски, ги претстави потенцијалите за водење бизнис пред околу 200 американски компании. Во Сиетл-последната дестинација од втората економска презентација во САД оваа година, се направени обиди за привлекување логистички и информатички компании во Македонија.
Според премиерот Груевски, економската презентација поминала успешно со голем интерес од компании, при што се таргетирани оние што бараат поконкурентен пазар со пониски цени, како што е македонскиот.
- Можам да кажам дека сите кризи што се случуваат во последните години од една страна влијаат негативно затоа што се намалува бројот на компании што сакаат да прават нови инвестиции, но од друга страна, пак, тие што сакаат да прават нови инвестиции тогаш се уште позагреани за поконкурентен пазар со пониски цени како што е македонскиот пазар, односно Македонија како локација за правење бизнис, така што ги таргетираме тие сектори во коишто има огромна конкурентност во однос на цените за правење бизнис. Тука влегуваат даноци и други трошоци за правење бизнис. Од таа гледна точка јас сум задоволен, изјави Груевски.
На бизнис форумите и презентациите, покрај владиниот тим, за предностите на македонската деловна клима говореа и компаниите што веќе инвестирале во Македонија или претставници на Светска банка, што, според премиерот, дава дополнителен кредибилитет.
- Кога зборуваме само ние секогаш може да се јави сомневање кај оние што слушаат дали ова навистина е така бидејќи говори Владата, а таа на некој начин има конфликт на интерес бидејќи говори за своите резултати, но кога станува претставник на Светската банка и го потврдува тоа или, пак, претставници на компании кои во последните години инвестирале во Македонија и го потврдуваат истото, тогаш целата презентација добива сериозна кредибилност и тогаш инвеститорите покажуваат уште поголема заинтересираност. Тоа и се случи на овие патувања во Детроит, во Хјустон, во Лос Анџелес и во Сиетл, укажа македонскиот премиер.
Тој е задоволен од разменетите контакти со компаниите, со кои во следниот период ќе продолжат да комуницираат промоторите и претставниците од Амбасадата на Македонија во САД. Владата, најави Груевски, од јануари следната година ќе испрати уште еден промотор во САД, кој на почеток ќе биде во Лос Анџелес, по што ќе ги покрива Хјустон или Сан Франциско. Тоа ќе биде трет економски промотор на Македонија, по тие во Њујорк и во Детроит и Чикаго.
- Го зацврстуваме нашето присуство во САД затоа што ова е најбогатата, најмоќната економска држава од која што има големи шанси да дојдат инвестиции, има многу глобални компании кои функционираат на глобално ниво, кои не инвестираат само во Америка, туку и во различни делови од светот каде што имаат добри услови за инвестирање, така што одиме со трет промотор тука во овој дел од Америка, рече Груевски, посочувајќи дека покрај во Америка, со уште еден промотор ќе се засилува присуството и во Германија.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски очекува дел од компаниите што слушнале за македонската бизнис клима во наредниот период да ја посетат Македонија.
- Генерално, задоволни сме од приемот. Очекуваме неколку од овие компании во наредниот период ја посетат Македонија кога би дошло евентуално и до конкретни инвестиции, изјави Пешевски.
Во Сиетл, последна дестинација од економската презентација, инвестициските можности на Македонија се претставени пред 40-ина компании. - Сиетл е еден од главните логистички центри на САД на западниот брег, седиште на неколку огромни мултинационални компании, едно огромно пристанише и во таа насока говоревме повеќе за Македонија со својата географска локација како можност за инвестирање за логистичките компании, но и за компаниите од информатичката технологија, бидејќи седиштето на „Мајкрософт“ е во Сиетл и голем број ИТ-компании се наоѓаат тука, изјави Пешевски.
Бил Гласфорт, банкар од Сиетл и претседател на Алијансата за трговски развој што го организира форумот, истакна дека со информациите што ги слушнале ги охрабруваат инвеститорите да инвестираат во Македонија.
- Програмата беше многу јасна, концизна и ги погоди вистинските точки за подобро разбирање на политиките во Македонија што ги охрабруваат инвеститорите да инвестираат во Република Македонија. Би сакал мојата земја да биде појасна на ова поле и моите забелешки се однесуваа на тоа како ние би можеле да промовираме инвестиции, рече Гласфорт.
За премиерот Груевски, значајни активности од посетата во САД се разговорите со менаџментот на клинички болници каде Владата сака да испрати македонски лекари на дополнителни обуки за методи за разни интервенции и лекувања што не се применуваат во Македонија.
- Се уште нашите лекари немале шанси некој да им изврши тренинг за таква обука и можам да кажам дека во сите градови како во Детроит во Медицинскиот центар „Хенри Форд“ така и во Хјустон во „Хјустон Медикал центар“, во „Роналд Реган“ Медикал центар во Лос Анџелес и тука во Сиетл наидовме на добар прием и на ветување од нивна страна дека со задоволство ќе прифатат наши лекари да дојдат на обука тука во Америка во нивните медицински центри. Останува понатаму министерот за здравство и Амбасадата да ги договорат деталите. Се надеваме дека во февруари, најдоцна во април, ќе се потпишат меморандуми за соработка, рече Груевски.
Реализацијата на тие планови, оценува, ќе значи многу за Македонија и ќе биде издигнување на македонското здравство. Такви обуки, како што рече, се договорени и со други клинички центри низ Европа и во Канада, што е одлична работа за напредок на македонското здравство.
Особено корисни премиерот ги оцени и средбите со македонската дијаспора во Лос Анџелес, од каде се интересирале за можностите за побрзо доаѓање до македонски пасоши, а некои од помладите и до македонско државјанство.
- Се интересираа и за она што се случува во Република Македонија на економски, на политички план, така што беше добра порака да им ги објасниме нашите политики, но и да ги чуеме нивните размислувања во врска со нашите политики и можностите тие да помогнат на кој било начин. Тие и онака помагаат преку помагање на нивните блиски семејства и роднини во Македонија, но на кој било начин преку разни лобирања, преку разни познавања што ги имаат во САД да помогнат. Ние како владина гарнитура, барем оваа владина гарнитура сега сме доста посветени на македонската дијаспора и на зајакнување на врските со неа и така ќе останеме и понатаму. Тие тоа го почитуваат. Се чувствува разлика од минатото и од сега во нивното позитивно делување кон Република Македонија, изјави премиерот Никола Груевски по посетата на САД.