Министерот Бесими се сретна со шпанскиот колега, Педро Моренес Еулате
Министерот за одбрана Фатмир Бесими во рамки официјална посета на Кралството Шпанија денеска во Мадрид се сретна со неговиот шпански колега Педро Моренес Еулате и началникот на Генералштабот на Армијата на Шпанија, адмирал Фернандо Гарсија Санчез.
На разговорите, информира Министерството за одбрана, стана збор за унапредување на билатералната соработка во полето на одбраната и безбедноста. Воедно беше укажано дека Кралството Шпанија го поддржува процесот на целосна интеграција на Република Македонија во НАТО сметајќи ја како значаен фактор во зацврстување на регионалната стабилноста и безбедност.
На средбите стана збор и за регионалната безбедност и стабилност, за придонесот кон глобалните мировни мисии и искуствата и научените лекции од нив, како и за евроатлантските интегративни процеси на регионот, особено на Република Македонија.
- Министерот Бесими го информираше шпанскиот министер за реформските процеси во рамките на Министерството и на Армијата на Република Македонија, како и за центрите во Република Македонија кои имаат пошироко значење. Воедно беше искажана можност шпанските војници да го користат за свои вежбовни активности армискиот полигон „Криволак“, соопшти МО.
Потпишаните три договори за билатерална соработка, се додава во соопштението, овозможуваат интензивирање на меѓусебните контакти преку упатување на припадници на АРМ на јазични курсеви во Шпанија, како и соработка со Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.
Министерот Бесими ја посети и базата на шпанските копнени сили „Гуадарама“ близу Мадрид, каде ќе се сретне со командантот на пешадиската бригада „Гуадарама XII“, бригадниот генерал Фернандо Јосе Лопез.