Владата со мерки за решавање на станбеното прашање за околу 1.200 семејства
Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Политиката на домувањето е стратешка поента на владините политики и Владата презема серија на мерки, изградба на комерцијални станови кои се нудат на пазарот по повластени цени, изградба на станови за лица со социјален ризик, намалување на ДДВ од 18% на 5% за градба на станови и други мерки, чија цел е решавање на станбеното прашање на граѓаните, мерки кои имаат конкретни резултати и што е најзначајно корист за граѓаните.
На вчерашната седница Владата одлучи да се преземат нови мерки за решавање на станбеното прашање за две поголеми групации на лица и семејства.
Прво, Владата во соодветна процедура воспоставува нова и намалена цена за откуп на становите од страна на лицата и семејствата кои немаат соодветен валиден документ за сопственост на станот во кој живеат. Тоа е групација од околу 1000 корисници, лица, односно семејства кои се вселени и живеат во становите веќе подолго време, некои повеќе и од десетина години, и кои се соочуваат со потешкотии во функционирањето. Досега постоеше методологија според која цените на овие станови беа определени на ниво блиско до пазарните цени. Затоа Владата донесе измена на Уредбата која ја уредува оваа област, со која се намалува коефициентот за пресметка на цената на станот. Врз основа на оваа изменета уредба ќе биде изготвена нова методологија, според која цената на овие станови ќе биде во просек намалена за 15 до 30% во однос на пазарната, и тоа согласно градот во кој е станот, микролокацијата, староста на зградата и времето на користење. Потоа Владата ќе ги понуди овие станови на продажба на овие лица, односно семејства, кои ќе може да ги купат по намалени цени. И ова е добра можност која треба да се искористи. Доколку нема да се во состојба да ги купат становите тогаш би се понудило создавање на облигационен однос-закуп кој повторно би бил по цени помали од пазарните. Оваа мерка значи исклучително поволна можност за решавање на станбеното прашање на над 1000 семејства.
Второ, Владата зазема став и одлучи да го реши проблемот на лицата кои остануваат без станови заради тоа што становите во кои живееле досега со процесот на денационализација се доделени на други сопственици. Владата воспостави систем според кој на досегашните сопственици на становите кои биле предмет на денационализација, и соодветно се доделени на други лица, ќе им бидат обезбедени и доделени станови соодветни по квадратура и локацијата во градот во кој живеат. За задоволување на овие потреби, ќе се искористат постоечките станбени капацитети со кои располага државата, или како втора алтернатива поверојатно ќе бидат изградени нови станови. Се работи за решавање на проблемот на над 120 лица кои се евидентирани засега, а овој став ќе важи и за сите вакви идни случаи.
Со овие мерки се дава силна поддршка на решавање на станбеното прашање на над 1200 семејства. Ова е добра можност за граѓаните, Владата ја намалува цената на дел од становите а за дел од лицата гради нови и бесплатни станови. Тоа е резултат на посветениот пристап и одговорниот однос, на квалитетна и позитивна социјална политика, и во тој стил како и досега, Владата ќе продолжи и во иднина.