Ставрески: Македонија од самиот почеток партнер во проектот Јужен поток
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, на официјална покана од Руската Федерација, денеска, заедно со високи државници од сите земји кои учествуваат во проектот, присуствува на свеченото одбележување на почетокот на градбата на рускиот коридор за пренос на гас, која се одржува во Анапа, Русија.
- Јужен поток е значаен момент за Европа. Исто така, ова е важен настан и за Република Македонија. Задоволен сум што успеавме во напорите, што нашите залагања вродија со плод и Македонија е вклучена во овој проект уште од самиот почеток заедно со другите земји. Денеска сме тука на поставувањето на камен-темелникот на Јужен поток и така ќе биде во сите фази од реализацијата на овој проект, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Тој посочи дека со влегувањето на Македонија во овој проект ќе се обезбеди стабилно снабдување со гас, но, исто така, ќе се обезбеди и енергетската иднина на нашата земја.
- Она што е за нас значајно за Република Македонија е тоа што со овој проект ќе обезбедиме стабилно снабдување со гас. Наместо сегашната цевка која има помал капацитет, ќе се овозможи поголем капацитет, односно поголема понуда на гас. Ова е значајно за иднината, за следните 30 до 40 години сигурно снабдување со гас за сите стопански капацитети, но и за домаќинствата. Република Македонија со ова ја обезбедува својата енергетска иднина, обезбедува стабилно снабдување со енергенс и е вклучена во главниот меѓународен коридор на гас кој ќе ја обезбедува цела Европа, истакна министерот Ставрески.
Тој додаде дека економските придобивки од Јужен поток за Македонија се многукратни. Со тоа што ќе се обезбеди снабдување со гас во рамките на овој меѓународен коридор во иднина ќе се задоволат сите потреби на земјата за нови стопански капацитети, нови енергетски капацитети, изградба на нови гасни електрани и слично, но и изградба на гасоводна мрежа до сите градови во Република Македонија.
- Ќе бидеме сигурни дека имаме обезбедено доволна количина на гас, а со набавката на поголеми количини ќе можеме да го добиеме и по подобра цена. Ја обезбедуваме енергетската иднина на државата со еден квалитетен и евтин енергенс, рече министерот Ставрески.
На денешната церемонија, на која ќе се обрати и претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, како и претседателот на рускиот гигант „Газпром“ Алексеј Милер, официјално ќе се одбележи почетокот на градбата на Јужен поток. Рускиот гас кон Централна и Јужна Европа ќе протече во 2015 година. Капацитетот на гасоводот е 63 милијарди метри кубни годишно или 14 отсто од вкупните потреби на Европа. Македонија со добивањето на нацрт-спогодбата од Руската Федерација во јули годинава, официјално влезе во проектот Јужен поток.