Конференција „Улогата на верските заедници во градењето мирољубиви и мултикултурни општества“
Промовирањето на религиозната толеранција е многу значајно за нашето општество бидејќи толеранцијата е единствената шанса и можност да се живее на овој свет. Владата има добра соработка со сите религиски заедници во Македонија почитувајќи ја нивната независност која ја гарантира Уставот.
Ова денеска го истакна заменик-претседателот на Владата задолжен за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери во обраќањето на конференцијата на тема „Улогата на верските заедници во градењето на мирољубиви и мултикултурни општества“.
Тој посочи дека Охридскиот рамковен договор е документ кој ги постави темелите за една посигурна демократска иднина.
- Духот на овој Договор се заснова на еднаквост на сите граѓани, и вели „не“ на мајоризацијата и ја поддржува вклученоста, инклузијата како една од најголемите вредности во демократското општество, додаде Џафери.
Драги Костадиновски од Македонската православна црква-Охридска архиепископија истакна дека ако ја почитуваме верата треба да го почитуваме секој човек, народ ...
- Таа почит е секако и во насока на креирање на мирољубиво и мултикултурно општество под кое се подразбира такво општество кое се карактеризира со културна различитост, општество во кое го забележување постоењето на поголем број различни групации кои се одликуваат со свои културни специфики и атмосфера на меѓусебно уважување и толеранција на таквата културна различитост, рече Костадиновски.
Религијата, посочи тој, има извесна улога кога во општеството доаѓа до општествени нарушувања, кога ослабнува општествената контрола, а верските заедници може да имаат важна улога во одржувањето на општествената интеграција.
- Разновидноста на верските и културни заедници е уникатно богатство на нашата земја, вековно наследство кое претставува духовна вертикала за граѓаните на Република Македонија. Религиските вредности сами по себе доколку се практикуваат се предуслов за успешна религиска толеранција во мултиетничките општества, истакна Костадиновски.
Според него, кога човек ја злоупотребува својата моќ за да влијае врз другите луѓе тогаш земјата ја претвора во пекол за нив.
- Зарем денешните терористи кои убиваат мирни граѓани ги земаат во заложништво и им нанесуваат невидени егзекуции не ја претвораат земјата во пекол. Излезот за нас како христијани е еднаков како и влезот. Нашата вера е Спасителот Господ Исус Христос и секако во она што значи спроведување во дело на неговиот спасителен подвиг во нашиот спасителен подвиг, а нашиот подвиг да стане спасителен за ближните околу нас, а од нив за целиот свет, додаде Костадиновски.
Африм Тахири од Исламската верска заедница рече исламот е вера на заедништво, кое се базија на светската визија која поддржува заедница меѓу луѓето за поддршка на елиминација на дискриминацијата врз основа на јазикот, верата, расата итн.
- Исламот ги повикува луѓето да живеат во мир во согласност со законите. Се бори против егозимот, неправедноста, и бара да се постави правда, поддршка и соработка. Како ИВЗ мислиме дека соработка врз база на заеднички допирни точки е можна и дијалогот за разликите е уште повеќе потребен, посочи Тахири.
Претседателот на Комисијата за верски заедници и религиозни групи во Македонија Валентина Божиновска одговарајќи на новинарско прашање рече дека моралната етичност на лидерите, нивното настојување како работат внатре хиерархиски во верските заедници е клучен аргумент за тоа што политичарите ќе направат и колку тие духовно и морално ќе влијаат и врз верниците и врз општеството.
- Мирот може да го градат политичарите, но без верските лидери и без верниците тоа е невозможно. Длабоко сум убедена дека мирољубивата реторика ќе настапи. Не се доволни конференциите и тркалезните маси. Се почесто треба да седнат на маса верските лидери и политиката. Има клучни прашања во општеството кои не врзуваат силно, истакна Божиновска.
Според неа, она што го направи поглаварот на ИВЗ, Реис Ул Улема ефенди Сулејман Реџепи во овој изминат период, а беше за пофалба, е што го вклучи оној радикален дел да биде внатре да работи во ИВЗ, а не надовр, е клучен аргумент да помислиме дека во иднина навистина ќе се случат многу подобри позиции од страна на влијанието на ИВЗ во Македонија.