Во Македонија ќе се организираaт интернет игри на среќа од домашен субјект

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
    
Почитувани,

Интернет лотаријата, односно интернет игрите на среќа се широко распространети во светски рамки. Во Република Македонија во овој момент нема субјект кој оперативно ги организира, а како една од причините се гледа што за нивна организација и приредување е потребно големо инвестициско вложување. Нашите граѓани во овој момент играат интернет игри на среќа на странски сајтови и веб страни.

За уредување на оваа област, Владата донесе измени на Законот за приредување игри на среќа и забавни игри. Со овие измени се создаваат услови за инвестициско вложување во процесот на воспоставување на државна интернет лотарија од страна на приватен капитал, а дополнителни цели се регулација на постоечки состојби преку правење системско решение, создавање на нови можности за развој на оваа дејност и овозможување на државна контрола на игрите на среќа на интернет.

Со измените на законот се предвидува во формирањето на државната интернет лотарија, односно во формирањето на организацијата или субјектот на приредување на интернет игри на среќа, да може да учествува и приватен капитал, и тоа преку заеднички деловен потфат со Лотарија на Македонија, со тоа што во здружувањето, заедничкиот деловен потфат или друштвото кое ќе биде формирано за вршење на оваа дејност на интернет игри на среќа т.е интернет лотарија ќе мора да биде во доминантна државна сопственост, односно државата преку Лотарија на Македонија да има најмалку 51% од капиталот или пак од правото на одлучување, што значи приватниот капитал да биде во најголема линија до 49%.

Со ова се остваруваат предусловите за старт на процесот за формирање на деловен пофат за приредување на интернет игри на среќа кои ќе ги приредува домашно друштво. По усвојувањето на законот во Собранието, ќе се распише меѓународен јавен повик за приватен инвеститор кој би учествувал во заедничкиот потфат. Во овој заеднички потфат државата односно Лотарија нема да вложува средства, туку ќе го вложи само правото на организација на игри на среќа, а приватниот инвеститор ќе биде должен да инвестира финансиски средства, опрема, хардвер, софтвер, кноу хау, кадар. Ќе бидат поставени високи стандарди со цел привлекување на реномиран странски партнер во оваа област. Согласно законските измени, почетокот со работа на ова друштво на здружување е во рок не подолг од една година од денот на донесување на законот во Собранието.

Интернет игрите на среќа во РМ досега не беа организирани од субјект во Македонија, а граѓаните ги играа преку интернет за странски субјекти. Тоа предизвикува одлив на средства од државата, и ја ослабува регулацијата на дејноста, а државата нема никаков приход по основ на данок од кој се обезбедуваат средства за интересите на граѓаните.

Сега со оваа можност, со приредување интернет игри на среќа од домашен субјект, односно од страна и со учество на државата:
-ќе има регулација на системот;
-средствата нема да се одлеваат од државата, затоа што странските интернет игри на среќа не би биле дозволени, што значи дека средствата ќе остануваат во државата;
-државата ќе остварува приход од даноци, а тоа покрај редовното полнење на буџетот за други намени, значи и повеќе финансиски средства за специјалните ставки кои Лотарија ги дава по определен основ за спорт, за здравство итн...

Дополнително, европската практика покажала дека по регулацијата на оваа област од страна на државата и со учество на државата покрај овие позитивни фискални ефекти се дестимулира играњето на среќа и паѓа бројот на играчи што е на линија на заштита и на општествениот интерес.

Со овој проект државата нема никакви финансиски импликации и нема трошење на средства од државниот буџет за инвестицијата, туку со формирањето и почетокот на работа на ваков субјект ќе се остварат дополнителни приходи кои би биле од интерес за граѓаните.