Владата со мерки за привлекување странски капитал и олеснување на реализација на инвестициите
Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Во насока на привлекување на странски капитал и за овозможување и олеснување на реализација на инвестициите од странство, Владата на минатата седница донесе две мерки чија цел е реално олеснување на процедурите, и стимулација на странските државјани за одлуката за инвестиции на средства во Македонија.
Двете мерки се резултат на претходна анализа, и беа поддржани и од експерти и познавачи на состојбите на пазарот на недвижности и инвестиции во Европа.
Првата мерка значи измена на Законот за странци, во насока на овозможување на странските државјани кои се резиденти на земјите на ЕУ и ОЕЦД, а имаат купено недвижност (куќа или стан) во Македонија во вредност над 40000 евра, да добијат поголем временски интервал за престој во Република Македонија.
Имено, со претходно усвоени закони на странските државјани им се дозволи да купуваат недвижности во Република Македонија, но оваа појава не е доволно развиена и заживеана. Бугарија пред влезот во ЕУ имаше голем раст во оваа дејност, а сега Турција, Хрватска, Црна Гора. Анализите покажаа дека сериозен ограничувачки фактор е законски дозволениот интервал за престој за странските државјани.
Досега законот налагаше странски државјанин кој ќе купи куќа или стан во Македонија да не може постојано да престојува во Македонија, туку можеше да добие најмногу туристички престој во траење од најмногу 3 месеци, период по кој тој требаше да ја напушти државата, и потоа доколку сака повторно да се врати во Македонија да поминат уште три месеци, за да може повторно да престојува во нашата земја уште најмногу три месеци. Ова се појави како проблем, односно пречка странските државјани да се анимираат и носат одлуки да купуваат недвижност во нашата земја, односно тие се помалку заинтересирани да купат недвижност во која може да престојуваат најмногу шест месеци во текот на една година, и тоа на три месеци да треба да излегуваат и влегуваат во Македонија.
За надминување на оваа пречка и ограничувањето, и во насока на поттикнување на искористување на оваа можност, Владата усвои измени на Законот за странци со кои предвидува странските државјани од земјите на ЕУ и ОЕЦД, кои ќе купат недвижност (куќа или стан) во Република Македонија, чија вредност на недвижноста изнесува најмалку 40 000 евра, веднаш да може да добијат годишен престој во Република Македонија.
Со оваа можност ќе се зголеми атрактивноста за купување на имот во Македонија од страна на странски државјани. Граѓаните на скандинавските земји покажуваат интерес за инвестиции во оваа сфера, чии резиденти практикуваат зимскиот период во нивните земји да го искористат и подолг период да живеат во јужна Европа во нивни претходно купени имоти.
Ние сме заинтересирани што поголем број странци да купат имот во Македонија, затоа што на тој начин прво, нашите граѓани ќе добијат приходи од продажбата на имот кој им е за продажба, ќе се зголеми цената на становите за странци, а со нивниот престој, имајќи ја предвид нивната куповна моќ, ќе имаат корист и други сектори, угостителство, трговија, туризам итн..
Преку ДКП-ата и промоторите, Владата ќе ја промовира оваа поволност во странски фокус земји и до пазарите на недвижности во западна и северна Европа, Русија, затоа што претходните анализи покажаа дека има интерес за купување на куќа или стан, и тоа особено во туристичките места, Охрид, Преспа, Маврово, Крушево и слично.
Втората мерка се однесува на измена на Уредбата за добивање на државјанство. Се воспостави можност и право странско лице кое во Македонија ќе инвестира 400 000 евра во капацитет (освен во угостителство и трговија), и вработи во него 10 лица, веднаш да добие државјанство и пасош на Република Македонија. Оваа мерка важи за сите државјани од странски земји, и нема ограничување како првата која важи само за странски државјани од земјите на ЕУ и ОЕЦД. И оваа мерка е поддржана од странски експерти, и иако има и имиџ карактер, и е вреднување и укажување на почит на инвеститорот, таа има и реално значење за олеснување на определени процедури на инвеститорот и реализација на негови права, и квалитетно го надополнува системскиот пристап и пакетот за привлекување на странски инвестиции во кој се содржат и ниските даноци, поволностите во ТИР Зони, квалификуваната работна сила и останатите делови на пакетот за привлекување на странски инвестиции.