Обраќање до нацијата на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски
Почитувани граѓани,
Денес Македонија имаше тежок, но и важен ден. Денес бевме сведоци на првиот неуспешен насилен обид за рушење на демократските институции и легитимно избраната власт на слободни и фер избори пред само година и половина.
Приказната за буџетот беше само параван на Бранко Црвенковски кој ја започна неговата последна лична битка за преживување во политиката. Откако претходно не ја доби довербата на мнозинството граѓани и претрпе изборен пораз, откако граѓаните на слободни избори не му дозволија повторно да се врати на власт по легален пат, тој се определи за насилство, ставање во ризик на државата, на неговите приврзаници од неговата партија и демократските институции.
Најпрвин неговата пратеничка група откако во претходните неколку дена најмалку 10 пати го прекрши деловникот во Парламентот, денес физички и со употреба на сила се обиде да го делегитимира Парламентот, и откога тоа не успеа се направи обид за влез во парламентот со употреба на насилство.
Сепак, спротивставени на агресијата на овој транзиционен манипулант, не само што беа подготвени да застанат илјадници граѓани, застанаа и професионално се однесуваа државните безбедносни сили, кои коректно, професионално, одговорно и успешно ја завршија својата работа, и овозможија Парламентот да продолжи со работа, согласно Уставот и законите.
Донесувањето на буџетот, и донесувањето на законите со кои се овозможи од март 2013та да дојде до зголемување на пензиите и на социјалната поддршка, зголемени средства за субвенции, средства за инфраструктурни проекти, стипендии, здравство, образование, тоа е исходот од денешниот неуспешен обид за насилен упад во парламентот и рушење на волјата на мнозинството граѓани.
Им честитам на припадниците на безбедносните сили, на пратениците во Собранието на чело со претседателот на собранието кои во изминатите денови беа изложени на невидена тортура, закани, стресови и насилство. Но, најголеми честитки и благодарност заслужуваат илјадниците граѓани кои цврсто застанаа во народен фронт за Македонија, за демократска и слободна држава, за напредок и за реформи и развој.
Денес се случи и една непријатност со новинарите кои беа во салата на Парламентот, за која, иако не е во моја надлежност, сакам да изразам искрено жалење.
Денеска Бранко Црвенковски сакаше со околу 3 илјади свои приврзаници на сила да освои власт.
На Бранко Црвенковски денес му се спротивстави народ. Поделени во две групи, имаше најмалку три пати повеќе граѓани кои излегоа да му се спротивстават.
На Бранко му се случи народ!!! Така е тоа кога во демократска држава некој ќе се обиде да освои власт со насилство и без поддршка на граѓаните, на слободни и демократски избори.
Почитувани граѓани,
Само во држави каде мафијата е посилна од власта, може и покрај поддршката на народот, да се случи политички преврат. Македонија не е таква држава. Македонија е слободна и демократска држава, со власт избрана на слободни и демократски избори, со институции кои функционираат и со поддршка на мнозинството граѓани.
На крајот ќе кажам уште две значајни работи.
1.Помислете барем за момент длабоко во себе кому му одговара ова што денеска го прави Бранко Црвенковски. Не треба јас да Ви кажам, знам дека Ви е целосно јасно.
2.Македонија е економски стабилна земја. Таа беше и ќе биде една од најниско задолжените земји, и во моментов девизните резерви се на највисоко ниво во историјата на земјата. Приказната дека земјата се презадолжува и дека одиме кон грчко сценарио е дел од манипулациите на овој вешт во манипулирањето со луѓе транзиционен политичар. Но, едно е јасно, врвот на СДСМ оди по грчко сценарио. Македонија останува и понатаму како земја која е една од поуспешните во справувањето со негативните ефекти од европската должничка криза. Ова не се само мои констатации, туку и констатации на меѓународните финансиски институции, како Светската банка и ММФ. Ако тие не мислат така, ниту ќе говорат така, ниту пак ќе и даваат поддршка на земјата преку екстра поволни финансиски аранжмани. Ниту пак Европската комисија би дала така позитивен извештај ако нема дебел основ за тоа.
Ние знаеме што правиме и немаме намера никому да наштетиме. Нашите економски политики ќе останат насочени кон создавање услови за отворање на нови работни места.
Ќе продолжам да работам на она за кое сум дал збор пред Вас. Јас не сум човек кој лесно дава збор, но кога ќе го дадам стојам зад него и се борам до последен атом да го исполнам.
Со обзир дека БЦ најави продолжување со неговото погубно сценарио, сакам да потенцирам, дека подготвени сме за сите можни сценарија со цел заштита на интересите на граѓаните, и заштита на уставот и законите. Политичарите од ерата на Гадафи, како Бранко Црвенковски на пример, ќе го доживеат својот политички крај. Ќе заминат во историјата.
Сум издржувал многу, сум поминал се и сешто во мојот живот. Впрочем се сеќавате, Панорама не беше така далеку, а исто така и притисоците за промена на името не се случуваа одамна. Но и во двата случаја опстојав заради една работа: Народот беше со мене!!!
И јас за таа поддршка сум искрено благодарен и никогаш нема да изневерам. Вашата доверба е и моја и наша обврска, и нема да Ве разочараме.
Ви благодарам.