Промовирани нови 13 наслови од проектот за превод на илјада стручни книги
Нови 13 учебници од проектот за превод на илјада стручни книги кои се користат на најреномирани светски универзитети беа промовирани денеска и со нив досега се преведени, отпечатени и дистрибуирани до библиотеките и универзитетите вкупно 750 наслови.
Останатата четвртина од проектот е во фаза на реализација и неговото завршување се очекува наредната година. Тие што беа денеска промовирани се од областа на медицината, ветерината, архитектурата, туризмот, ликовната уметност...
Премиерот Никола Груевски на промоцијата истакна дека со овој проект првпат се одвојуваат средства од буџетот за литература од најсовремена светска научна мисла, преведена на мајчин јазик, која за студентите порано била недостапна.
Тој е задоволен што преведените стручни книги се користат како прв учебник на факултетите. Смета дека тоа ќе донесе многу вредности во многу области за иднината на државата и ќе го олесни привлекувањето странски инвеститори кои ќе ја изберат Македонија зашто овде ќе имаат едуцирана и подготвена работна сила без потреба да ја доквалификуваат.
Посочи и на другите крупни издавачки проекти, како литературните едиции што се реализираат преку Министерството за култура - „Нобеловци“, „Ѕвезди на светската книжевност“ и новиот проект за врвовите на филозофската мисла, психологијата и најдобрите 100 изданија од светската историја.
- Книгите кои Владата директно ги финансира и ги преведува во целост за шест години и четири месеци се околу две и пол милиони парчиња. Тука не се вброени оние што министерствата за култура и за образование секојдневно ги потпомагаат со средства за нивно печатење. Оваа Влада е фокусирана да се стекне што повеќе знаење меѓу младите и повозрасните и да градиме општество на знаење и на креативност. Тоа е нашата цел, рече Груевски.
Министерот за образование и наука Панче Кралев подвлече дека со новата промоција проектот е чекор поблиску до остварувањето на мисијата.
- Во време на брз технолошки развој и динамични економски услови, знаењето се истакнува како двигател на продуктивноста и економскиот раст. Ова се рефлектира во светскиот тренд на зголемено инвестирање во знаењето и обуката на професионален кадар, како стручен клучен елемент во сите економски сфери, рече Кралев.