Тодоров: Нови 800 вработувања во јавното здравство
Владата на последната седница на предлог на Министерството за здравство и со согласност на Министерството за финансии донесе одлука со која одобри вработувања на нови 800 лица во јавните здравствени установи и тоа со акцент на медицински сестри, лаборанти, медицински техничари, среден медицински персонал итн.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека станува збор за кадар кој сериозно недостига во ЈЗУ и кој тие го обезбедуваат преку ангажирање лица по договор или волонтери.
- Има волонтери кои повеќе од 10 години волонтираат во ЈЗУ. За мене позагрижувачко е тоа што во поголем број здравствени установи волонтерите се оние кои ја носат практично работата и овозможуваат нормално фукционирање на ЈЗУ. Во еден стабилен здравствен систем тоа не треба да биде случај и заради тоа Владата имајќи ги предвид сите овие факти и аргументи донесе една стратегиски важна одлука за развојот македонскиот здравствен систем, посочи Тодоров.
Вработувањата, како што рече, ќе бидат реализирани во текот на наредната година.
- Уште на почетокот на наредната година ќе побараме од Министерството за финансии согласност за вработување во првата фаза на 400 лица, а во втората уште 400 лица.Првата група вработувања треба да се реализира до средината на годината и лицата да почнат со работа од 1 јули, а втората група вработувања треба да се реализира од почетокот до крајот на септември или почетокот на октомври и тие да почнат со работа во октомври или ноември, истакна Тодоров.
Потенцира дека овие 800 нови вработувања се практично сериозно надополнување на она што оваа година го реализирале, односно 400 вработувања во ЈЗУ и додаде дека во најголем дел фокусот бил ставен на докторскиот кадар, на лекари, специјализанти или специјалисти.
- На тој начин практично овозможивме да се премости еден проблем кој е повеќегодишен и се создаде како резултат на неводење сметка за обновување на човечките капацитети во ЈЗУ. Согласно Законот за здравствена заштита процедурата е утврдена исто како и за онаа која се спроведуваше при претохдниот оглас. Ќе се објавуваат огласи, а потоа ќе се организира тестирање односно ќе има стручен тест, ќе се земаат бодовите од просекот, се прави ранг листа и најдобрите тројца кандидати одат на интервју пред комисија формирана од страна на директорот на ЈЗУ, појасни Тодоров.
Тој очекува дека оваа сериозна бројка нови вработувања ќе доведе до една состојба да се нормализира функционирањето на ЈЗУ и тоа да не почива и да не се базира на работата на волонтери и лица кои се ангажирани по договор.