Поддршка на туризмот и хотелиерството преку четири финансиски инструменти
Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев
Еден од стратешките приоритети на Владата е развојот на туризмот во државата. Намалениот ДДВ за туристички услуги од 18 на 5%, субвенциите за привлекување на странски туристи, законските измени за уредување на дејноста и зголемување на нејзиниот квалитет, како и вложувањата и инвестициите во ова поле овозможија и овозможуваат дополнителен развој на економијата, прилив на свеж капитал, нови вработувања, но и промоција на државата и нејзините културни вредности и традиција.
Еден од главните предуслови за развој на туризмот е обезбедувањето на квалитетни сместувачки капацитети кои ќе бидат достапни и прифатливи за поголемиот дел од граѓаните. Токму во таа насока Владата на Република Македонија обезбеди повеќе инструменти за долгорочно финансирање за купување, изградба и адаптација на мали сместувачки капацитети до 70 легла со стандард и категоризација на квалитет не поголем од оној кој е определен со 3 ѕвезди, проект кој е дел од програмата на Владата за 2011-2015 година. Односно Владата преку вкупно 4 кредитни линии, под поволни услови, со прифатлив и разумен рок на отплата и вклучен грејс период помага при купување, изградба или адаптација на сместувачки капацитети. Секоја од кредитните линии имаа свои специфики, и силни страни, што помага бизнисмените да ги димензионираат и користат според своите потреби и проценки. Се работи за поттикнување на отворање на нови сместувачки капацитети кои особено во европските држави се масовно искористени и претставуваат значаен дел од обртот на средства во светскиот туризам, а претставуваат и модел за развој на малиот и среден бизнис.
За таа намена Владата на минатата седница усвои информација за расположливи 4 финансиски инструменти-кредитни линии кои може да се користат за таа намена. Инструментите се димензионирани во соработка со МБПР.
1. ЕИБ- кредитна линија- МСП инвестиционен кредит
Од третата транша од 100 милиони евра, корисниците ќе може да користат средства за оваа намена. МБПР има определен квантум на средства кои приоритетно ќе се алоцираат за ваков вид на поддршка. Минималниот износ на средства кои крајниот корисник може да го искористи е 10 000 евра, а максималниот износ е 3 500 000 евра, со рок на отплата до 8 години и вклучен грејс период до 24 месеци.
Овие средства може да се искористат за купување на материјални средства, во смисла на недвижности- купување, изградба и адаптација на сместувачкиот капацитет, опрема од хотелиерството, и обртни средства не повеќе од 30% од вредноста на кредитот, како и инвестиции во нематеријални средства развој, планирање и финансирање во фаза на конструкција, како и трошоци на плати и останато). Каматната стапка е 5.5% годишно, која е фиксна во целиот период, и која државата ја субвенционира. Оваа кредитна линија е најповолната која постои воопшто во бизнисот во овој период, обезбедува стабилност и предвидливост.
2. Инвестициска кредитна линија РФ (Револвинг фонд од Италијанската стокова кредитна линија)
Износот на кредитот за крајниот корисник се движи од минималниот износ 50 000 евра, а максималниот износ 400 000 евра. Рокот за отплата е 6 години, вклучителен грејс период до 12 месеци, со крајна каматна стапка од 6% годишно. Намената за користење на овие средства е набавка или изградба на постојани средства вклучително и купување, изградба и адаптација на мали сместувачки капацитети и за обртни средства.
Предноста на овој инструмент е тоа што може да се повлече за релативно кратко време, средствата се оперативни и веќе се на сметки на МБПР.
3. Посебен Кредитен Фонд кредитна линија со гарантна шема
Износот на кредит за крајниот корисник се движи од 10 000 евра-минимален износ до 300 000 евра максималниот износ. Рокот на отплата е до 8 години, со грејс период 12 месеци, а ако крајниот рок е до 3 години тогаш максималниот вклучен грејс период е до 6 месеци.
Намената за користење на овие средства е набавка или изградба на постојани средства вклучително и купување, изградба и адаптација на мали сместувачки капацитети и за обртни средства до 30% од вредноста на кредитот.
Крајната каматна стапка е максимум 6,75%.
Предноста на овој инструмент е тоа што во случај на неможност за поврат на кредитните средства од страна на корисникот државата отплаќа значаен дел од кредитот, што овозможува комерцијалните банки полесно да одобруваат кредити.
4. МСП-МБПР кредитна линија
Минималниот износ на кредит е 15 000 евра, а максималниот 500 000 евра.
Рокот на оптплата е до 8 години, со вклучен грејс период до 12 месеци и максимална крајна каматна стапка 8%.
Намената за користење на овие средства е набавка или изградба на постојани средства вклучително и купување, изградба и адаптација на мали сместувачки капацитети и за обртни средства до 50% од вредноста на кредитот.
Предноста на инструментот е што директно се аплицира кај МБПР и по правило полесна се добиваат средствата, и ваа за разлиак аод претходните ри кои се девизни, е денарска кредитна линија.
Овие четири инструменти се добра можност за развој на бизнисите. Ги повикуваме сите заинтересирани да аплицираат за една од 4 расположливи кредитни линии кои се нудат под поволни услови и да ја искористат шансата за купување, изградба и адаптација на мали сместувачки капацитети. Во идниот период ќе се популаризираат овие инструменти и ќе бидат претставувани пред стопанските комори и асоцијациите на туризам.
Ова е особено добра прилика за оние семејства кои се занимаваат со хотелиерство и мотелиерство и поседуваат капацитети за сместување да ги прошират истите, но и шанса за отворање на потполно нови капацитети. На овој начин Владата го потпомогнува локалниот економски развој но и генерално развојот на туризмот во државата, гранка која обезбедува свежи приходи и го поттикнува општиот економски развој на земјата.