Честитка од премиерот Никола Груевски по повод Раѓањето Христово - Божиќ
Ваше Блаженство,
Со посебна радост и задоволство, во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија, Вам, на Вашето ценето свештенство и монаштво, како и на сите верници од Македонија и дијаспората, сакам да Ви упатам најискрени честитки по повод големиот христијански празник – Рождество Христово Божиќ.
Божиќ е празник на кој треба да се присетиме дека Бог се роди за нас луѓето, за никогаш да не останеме сами. За нашите страданија да ги пребродиме, невољите да ги разрешиме, жалостите да ги надминеме, радостите да ги удвоиме, и секогаш да создаваме дела и вредности кои ќе бидат од корист за народот. Чувајќи го Бог во себе, на сами себе си даваме смирение, шириме љубов, толеранција и трпение, еден со друг се почитуваме и меѓусебно се разбираме. Тоа се вредности кои треба да ги негуваме и шириме, како во нашите семејства, така и во нашата заедница, во нашето општество, во нашата Македонија. Само на тој начин ќе излеземе во пресрет на сите искушенија кои ни ги носи животот, денешницата и овоземното постоење.
Верувајќи и водејќи се од вредностите, сите ние да продолжиме со залагањата за подобрување на секојдневието на нашите граѓани, да продолжиме со силното темпо на реформите и модернизацијата, со напорите за овозможување на економски развој и подобар стандард, за просперитет и благосостојба, и за изградба на силна, модерна и напредна Република Македонија.
Нека Бог биде постојано со нас, со нашите граѓани и со нашата Татковина !
Нека ни принесе мудрост и добрина !
Нека е за многу години големиот христијански празник – Рождество Христово - Божиќ !
Христос се роди, Навистина се роди !
Никола Груевски