Нови владини мерки за поддршка на земјоделското производство

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
    
Почитувани,

Конкретната поддршка на земјоделието, како и создавање на поволни услови за негов развој преку континуирана поддршка и инвестиции е приоритет на Владата.  

Исклучително поволен финансиски инструмент кој може да се користи за финансирање на проекти во земјоделството е ефтината кредитна линија на МБПР. Таа досега се користеше за финансирање на откуп и преработка и извоз на земјоделски производи.

Заради овозможување на подобра поддршка за земјоделството, Владата на минатата седница усвои мерки со кои се предвидуваат нови можности за користење на овие исклучително ефтини средства. Тие опфаќаат зголемување на опфатот на субјекти кои може да ги користат овие средства, и се овозможуваат поволности во однос на роковите за користење на средствата.

Од идниот период средствата од овој инструмент, покрај за откуп, преработка и извоз ќе може да се користат и од страна на земјоделските производители за финансирање на процесот на производство. Со тоа се создава поволен инвестициски циклус кој го заокружува процесот на производство, откуп и преработувачка во земјоделството.

Средствата ќе може да се користат по исклучително поволни услови:
-каматна стапка од 3%, што е најефтина каматна стапка во Македонија и пошироко;
-износот на средства кои може да се користат ќе се движи до максимален износ од 300 илјади евра;
-Доколку земјоделците се одлучат за подигнување на средства со краен рок на отплата до 18 месеци, тогаш грејс периодот изнесува 6 месеци, а доколку крајниот рок на отплата е 5 години, тогаш грејс периодот за негово враќање изнесува 1 година;
-средствата може да се користат и за инвестиции и за обртни средства.

Овие услови се најефтините услови кои постојат во овој период во поширокиот регион. Микро, малите и средни земјоделски производители треба да ја искористат оваа можност и да обезбедат развој на нивниот бизнис. Апликациите се примаат во МБПР и за краток период се одобруваат.

Во насока на подобрување на условите Владата предвиде уште две нови поволности во однос на роковите за користење на средствата. Овие поволности ќе важат и за користење на средства за производство, откуп, преработка и извоз на земјоделски производи.

Прво, се овозможи покрај финансирање на идни проекти, набавки и потреби, да можат да се финансираат и проекти, набавки и потреби направени 90 дена пред поднесување на кредитното барање од страна на земјоделците до МБПР.

Со ова се овозможува финансирање заради сезонскиот карактер на секторот и работи кои морале да бидат направени во одреден момент, а подоцна не би можеле да се направат, а од подоцнежната набавка веќе не би имало ефект, и ова е една голема помош за земјоделците.

Второ, се изврши пролонгирање на рокот за правдање на документите за наменското искористување на средствата од 30 на 90 дена. Ова е заради специфичноста на откупот и преработката на земјоделски производи каде што многу често клиентите имаат потреба од кредитни средства кои се користат со одредена динамика како резултат на сезонските движења во земјоделството. На пример, при откуп на раноградинарски култури, истиот се врши во периодот март-мај, при откуп на млеко има сезонски откуп за време на зголемена лактација на добитокот, а во делот на инвестиции во градежни објекти, се плаќа по времени ситуации кои се ретко пократки од еден месец.

При кредитирање на примарното земјоделско производство, се финансираат основни и обртни средства за следниве намени:
•Растително производство: поледелство (житни, индустриски, градинарски и фуражни култури); овоштарство и лозарство;
•Сточарско производство: говедарство, овчарство, свињарство, козарство, живинарство, аквакултура и пчеларство;
•Нова земјоделска погонска и приклучна механизација.

Од вкупно расположливите 10,7 милиони евра, досега се искористени 3,1 милиони евра, што значи дека на располагање на земјоделците остануваат 7,6 милиони евра.

Во однос на намената на средствата за досега одобрените барања структурата е следна:
-3 проекти за преработка на грозје во износ од 1.487.798 евра;
-3 проекти за преработка на зеленчук во износ од 550.000 евра;
-2 проекти за преработка на житни култури во износ од 460.000 евра;
-1 проект за преработка на индустриски култури во износ од 300.000 евра.

Овие нови поволности Владата ги овозможи во соработка со земјоделците и коморите, директно прифаќајќи ги нивните предлози. Ги повикуваме сите заинтересирани и потенцијални земјоделци да аплицираат за искористување на расположливите средства од кредитната линија на МБПР кои се достапни по исклучително поволни услови, и со овие измени се очекува да се подобри економскиот развој, растот на бизнисите и отворањето на нови работни места.

Имајќи предвид дека многу домаќинства егзистираат од земјоделието, Владата и во иднина ќе продолжи со силна посветеност за унапредување на земјоделието во државата, обезбедување на свежи средства кои ќе го помогнат земјоделското производство и пласман на истото.