Средба на министерот Попоски со директорот на швајцарската Федерална канцеларија за миграција
Министерот за надворешни работи Никола Попоски, денеска го прими Марио Гатикер, директор на Федералната канцеларија за миграции на Швајцарската Конфедерација, кој престојува во работна посета на Република Македонија.
На средбата взаемно било искажано задоволството од позитивниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и швајцарската Конфедерација, а биле разгледани и можностите за нивно натамошно интензивирање во разни области од заемен интерес.
Министерот Попоски, соопшти денеска МНР, нагласил дека Владата на Република Македонија особено ја цени поддршката и помошта што швајцарската Конфедерација и ја дава на Македонија преку финансирање и на разни проекти посебно од областа на екологијата, здравството и образованието.
Станало збор и за појавата на злоупотреба од страна на одделни македонски граѓани на правото за безвизно патување во најголемиот дел на европските држави, а во тие рамки и во Швајцарија, преку барање азил во дел од овие земји. Во таа насока, шефот на дипломатијата Попоски информирал за напорите и мерките што Владата на Република Македонија ги превзема на овој план, со цел за минимизирање и по можност за целосно елиминирање на ваквата појава. Како резултат на ова забележано е драстично опаѓање на бројот на баратели на азил од Република Македонија во Швајцарија. Така, ако во август 2012 година биле поднесени 258 барања, во ноември таа бројка била сведена само на 11 барања.
Марио Гатикер ги поздравил напорите и мерките на Владата за елиминирање на појавата на лажните азиланти, нагласувајќи ја потребата од перманентни активности на овој план.
На средбата станало збор и за аспирациите на Република Македонија за целосна интеграција во ЕУ и во НАТО, како и за конкретните активности и достигања на овој план. Двајцата соговорници, исто така, размениле мислења за актуелните состојби во нашиот регион.