Груевски: Отворени сме за аргументиран дијалог

Остануваме за дијалог во институциите, дијалог со кој што опозициската СДСМ ќе се врати во Парламентот, каде ќе разговараме за сите прашања за кои што сакаат да разговараме и да се најдат решенија да се излезе од оваа ситуација во која на 24 декември и во деновите претходно ја доведоа Македонија, ситуација која не е добра за имиџот на државата.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски коментирајќи ги последните политички случувања, како и тоа дали е можен дијалог со опозицијата по промоцијата на 12 нови наслови од различни области од проектот „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.

- Ние сме целосно подготвени на следните локални избори да има целосен мониторинг од ОБСЕ, ОДИХР, онолку засилен колку што ќе посакаат од СДСМ и ќе се согласат од ОБСЕ и ОДИХР. Целосно сме подготвени доколку се уште сметаат дека има нешто недовршено во избирачките листи тоа да се заврши и да се комплетира за да нема каков било сомнеж дека на некој начин се сака да се направи нешто што е неетички и незаконски, измама или слично. Тука немаме ниту за секунда такво размислување и затоа оставаме целосно отворена можност во тој дел и се разбира се друго што е легитимно и реално и што е нормално да се побара и да се прифати ние сме подготвени, рече Груевски.

Тој нагласи дека се она што практично е услов заради услов или заради неприфаќање со кое всушност, како што рече, сакаат само да издадат алиби за она што го прават и за остварување на нивните цели - предвремени парламентарни избори.

- Станува јасно дека сето тоа е дел од сценариото на Бранко Црвенковски со кое тој сака да ја спаси својата политичка кариера внатре во партијата. Затоа што знаеме што се се случува таму, истакна премиерот Груевски.

Според него, во СДСМ се издифиренцирани две групи. Една која, како што рече, сфаќа дека загазија длабоко во кал и не знаат како да излезат од целата ситуација, која интимно не го поддржува ова што го прави Бранко Црвенковски и гледаат дека ги води во ќорсокак, во ситуација на штета на државата и сериозна штета на партијата.
- Гледаат дека тоа го прави заради негови лични интереси поврзани со неговата политичка кариера, но се уште очигледно немаат моќ тоа на некој начин да го артикулираат  погласно  внатре во партијата или во јавноста, нагласи Груевски.

Втората група, додаде тој, се неговите најтесни приврзаници кои по секоја цена, свесни за тоа дека без доминантната улога на Црвенковски во таа партија нема да можат самите тие да просперираат, и слепо ги следат неговите инструкции и засега таа група очигледно дека е подоминантна.

- Воопшто таа група не е заинтересирана за тоа дека се прави огромна штета на државата, дека се прави штета на имиџот на Македонија, дека ова го користат други кои што не и мислат добро на Македонија и го користат за да ги нарушат интересите на Република Македонија, заклучи премиерот Груевски.

Тој рече дека внимателно ја следат ситуацијата и остануваат отворени за изнаоѓање начини да се решат проблемите.

И покрај тоа што, како што нагласи, луѓето гледаат дека се работи за личните политички аспирации на еден човек и личната кариера на Бранко Црвенковски и покрај тоа што целосно им е јасно дека не  станува збор за некаков недостиг на демократија и за рушење нечии права, сепак сликата за земјата не е добра со ова сценарио што го осмислил Црвенковски.

- Тој е прилично вешт во смислување негативни црни сценарија и овојпат се потрудил и смислил такво сценарио. Меѓутоа, ние сме Влада, ние сме луѓе кои имаме одговорност добиена од граѓаните и кои што не смееме да дозволиме чии било црни сценарија да доживеат таква силна реализација, да ни наштетат сериозно и да ги поткопаат интересите на државата и нејзините темели. Ќе се спротивставиме на какви било сценарија со кои тој би сакал да прави натамошна штета, но истовремено цело време ќе даваме шанса доколку му треба излезно решение од оваа ситуација, доколку во некој момент помисли дека, сепак, е добро да излезе од овој ќорсокак во кој си ја води партијата и штетата што ја прави на државата, рече Груевски.