Белгија ќе обучува кадри на Министерството за труд и социјална политика, на синдикатите и работодавачите
Белгиската федерална јавна служба за труд, вработување и социјален дијалог во иднина ќе обучува кадри на македонското Министерство за труд и социјална политика, но и на синдикатите и работодавачите од Македонија на полето на трудот и социјалниот дијалог со цел приближување на нашата земја до стандардите на Европската унија.
Декларацијата за соработка денеска во просториите на кралската служба на Белгија ја потпишаа нашиот министер за труд и социјална политика Спиро Ристовски и неговата белгиска колешка Моника Де Конинк, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Оваа декларација со важност од две години планира размена на искуства и експерти, студиски посети од странa на врбаотените во двете министерства во Македонија и Белгија, учество на експерти на научни конференции, соработка и капацитети на интервенциите на Социјалните партнери на двете земји и разработка и реализација на заеднички проекти во областа на рбаотата и трудот.
Она што е најважно за нас е тоа што белгиското министерство ќе ги сноси сите трошоци за патувањата и обуките од страна на нивните експерти, како во Белгија на македонски работници и претставници од областа на трудот и социјалната политика, така и на нивните обучувачи во Македонија.
- Потпишавме исклучително значаен договор со Кралство Белгија, особено што оваа земја е центар на Европската унија. Поддршката која ја очекуваме од нив за нас е значајна оти Белгија е земја каде социјалниот дијалог има долга традиција и соработката на Владата со синдикатите и работодавачите е нешто што од овде се црпи за пример. Очекуваме експерти од белгиското Министерство за труд во следниот период трипартитно да ги обучуваат партнерите кај нас, а тоа се Владата, синдикатите и Организацијата на работодавачи. Очекувам ова да биде добар сигнал и за другите европски земји со кои имаме иницијативи за потпишување на вакви договори, посебно во услови кога Република Македонија е земја која во секој момент очекува да ги почне пристапните преговори со Европската унија - истакна министерот Ристовски, додавајќи дека ова е доказ за европската перспектива на Република Македонија и дека актуелната Влада нема дилеми во однос на продолжување на евро-атлантските интеграции.
Првиот човек на македонското Министерство за труд и социјална политика потврди и дека ова е прв ваков договор со една земја-членка на ЕУ, а има иницијативи за потпишување на ист и сличен договор и со британското и холандското министерство, оти овие две земји заедно со Кралството Белгија се земји каде социјалниот дијалот е на највисоко ниво во европски рамки.
- Потпишавме договор за соработка со Македонија на прашања за соцјиален дијалог, што значи процес каде организации на вработувачи и вработени ќе работат заедно да дискутираат за иднината на земјата, посебно во перспектива на добар пазар на трудот - посочи белгиската министерка Де Конинк, која нашата земја ја ословуваше со нејзиното уставно име.
Инаку, кога станува збор за користењето на името Република Македонија, иако Белгија има јасен став да ја користи референцата под која сме примени во Обединетите нации, овој договор е потпишан на начин со тоа што нашиот министер е претставен како „македонски министер“ а Министерството како „македонско министерство“, што отвора нови перспективи и позитивни ветришта во односот со Република Македонија на една од најглавните земји-членки на ЕУ, во чиј главен град е и седиштето на Унијата.