Владата со оперативни мерки за вработување на над 2.000 лица
Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Стратешки приоритет на Владата на Република Македонија е отворањето на нови работни места. Таа определба се реализира преку привлекување на инвестиции кои отвораат нови работни места, преку редовната функција на Агенцијата за вработување за поврзување на работодавците и лицата кои бараат работа, но и преку имплементација на специјални активни мерки, програми и политики чија цел е обезбедување на услови за нови вработувања, преку директно учество на државата во давањето финансиска поддршка за отворањето нови работни места во приватната иницијатива.
Владата го донесе Оперативниот план за поддршка при вработување за 2013 кој содржи повеќе активни програми и мерки за вработување кој треба да овозможи стимулирање и поддршка на нови вработувања.Тоа е специјален план, кој е засебен, и е дел од пошироките мерки за вработување кои тековно се реализираат преку Агенцијата.
Планот содржи 6 мерки за поддршка на вработувањето, кои ќе се реализираат преку директни плаќања од страна на државата за отворање на работните места, односно преку директно финансирање на бизнисот на поединците или преку финансирање на дел од платата на нововработените лица.
Со овие 6 мерки се овозможува вработување на над 2000 лица, за која цел државата има определено околу 7 милиони евра.
1. Првата мерка е Програмата за самовработување, чија цел е вработување преку започнување на сопствени бизниси, и ќе се реализира преку обука за претприемништво, одржливи бизнис планови, помош при регистрација на бизнисот и финансиска поддршка за започнување и водење на бизнисот. За оваа програма се издвоени 194 000 000 денари, со кои што ќе се овозможи поддршка за околу 1000 лица за нивно вработување и почеток на бизнис. За секое самовработување и почеток на бизнис се предвидува поддршка со неповратни средства во висина на 201.897,00 денари, од кои 185.000,00 денари за набавка на опрема и/или репроматеријали, додека останатите 16.897,00 денари за основна обука за водење бизнис. Приоритет ќе имаат долгорочно евидентираните невработени лица и лицата на возраст од 30-49 години.
2. Субвенционирање на вработување, која опфаќа поддршка за вработување на невработени лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот. Со неа се овозможува вработување на 500 лица, и за таа цел ќе бидат одвоени околу 700 000 евра. Се предвидува субвенционирање на вработување преку финансиска поддршка за секое вработено лице во износ од 13.000,00 денари месечно за период од 6 месеци, со обврска на работодавачот овие лица да ги задржи на работа најмалку уште 12 месеци (вкупно 18 месеци) или на негово место да вработи друго невработено лице од евиденцијата на невработени лица на АВРМ. Износот на финансиската поддршка за ранливите групи(лица над 50 години, самохрани родители, жртви на семејно насилство..) изнесува 17.000,00 денари.
3. Субвенционирање на вработување на лица со инвалидитет, кое се реализира согласно со Законот за вработување на инвалидни лица и Правилникот за критериуми и начинот на доделување на неповратни средства од Посебниот фонд за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидни лица. Секој работодавец кој ќе вработи лице со инвалидитет и редовно му исплаќа плата и останати давачки на тоа вработено лице во период од 9 месеци, по изминувањето на тие 9 месеци има право да побара и ќе добие од државата 20 просечни плати, а доколку лицето со инвалидитет е слепо или е до степен на инвалидитет да има потреба од помагало-количка тогаш работодавецот ќе добие 40 просечни плати. За оваа цел се одвоени околу 3 милиони евра за овозможување поддршка за вработувања за 300 лица.
4. Финансиска поддршка на мали и средни претпријатија и занаетчии за отворање на нови работни места. За реализација на Програмата се предвидува поддршка со неповратни средства во вид на опрема и/или материјали во висина од 92.000,00 денари за секое новоотворено работно место, но не повеќе од 5 работни места (максимум 460.000,00 денари) по работодавец. Работодавачот кој ќе вработи лице согласно со оваа програма, има обврска да го задржи на работа најмалку 12 месеци од денот на вработувањето и тоа со полно работно време. Фирмите треба да се регистрирани најмалку една година, и да имаат позитивен резултат во претходната година.
5. Субвенционирање на вработување на деца без родители во приватниот сектор, која опфаќа поддршка за вработување на невработени лица кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа. Со оваа програма се предвидува државата да дава по околу 8 000 денари месечно по вработено лице од оваа категорија во период од 24 месеци, и ќе ги плаќа 100% од придонесите за ова лице во траење од 12 месеци, а во вторите 12 месеци ќе плаќа 50% од придонесите.
6. Субвенционирање на плодоуживатели на земјоделско земјиште. Програмата ќе се реализира со доделување на државно земјоделско земјиште на плодоуживање на лица кои се корисници на социјална помош. Корисниците ќе бидат регистрирани како индивидуални земјоделци, и ќе им се обезбеди 100% од месечниот износ на социјална парична помош и обезбедено социјално осигурување во првите 12 месеци, и 50% од месечниот износ на социјална парична помош и 100% обезбедено социјално осигурување во следните 12 месеци (втората година). Овие лица ќе имаат можност за дополнителна финансиска помош во рамките на програмите на Министерство за животна средина и просторно плнирање, средства за работа на земјоделските култури, за сеење, жнеење, друг вид на полјоделски работи, а покрај тоа ќе добиваат и земјоделски субвенции.
Сите овие програми ќе се однесуваат на невработените лица, а првенствено на: долгорочно невработени (над 1 година евидентирани во АВРМ), млади лица до 29 годишна возраст, корисници на социјална парична помош, професионални војници на кои им престанала службата во АРМ, поранешни вработени лица во дејноста на енергетиката на кои работниот однос им престанал поради деловни причини, лица на возраст од 30-49 години, лица со статус деца без родители и родителска грижа, жртви на семејно насилство, бездомни лица, самохрани родители, родители со 4 и повеќе малолетни деца, млади брачни двојки со или без деца до 45 годишна возраст, возрасни лица од 50 до 59 години.
За сите овие мерки најдоцна во првата недела од февруари ќе биде јавно објавен календар за апликација за средствата за финансиска поддршка, со што секој месец ќе има соодветни повици за користење на овие средства веројатно во првата половина од месецот. Апелираме до заинтересираните лица да ја искористат оваа можност, и преку овие мерки да се стекнат со вработување, а за секоја потреба во секој момент може да се обратат до Агенцијата за вработување која им стои на располагање за секаков вид на сервис.
Владата ќе продолжи со преземање на мерки за отворање на нови работни места, користејќи различни политики, реализација на нови странски и домашни инвестиции, вработувања преку редовните програми на АВРМ и вработувања преку овие специјални оперативни мерки. Во идниот период ќе бидат донесени и мерките за подготовка за вработувања со кои ќе бидат опфатени дополнителни 3750 лица, при што повторно се овозможува директна финансиска поддршка, за што соодветно ќе информираме.