Потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за здравство и Сахара хоспитал груп од Индија
Меморандум за соработка потпишаа вечерва министерот за здравство Никола Тодоров и Амреш Чандра, претставник на Сахара хоспитал груп од Индија, која е дел од конзорциумот „Сахара Индија Паривар“ на индискиот бизнисмен Субрата Рој.
- Со Меморандумот се овозможува македонските лекари специјалисти да бидат испраќани на обука во овој дел од Сахара хоспитал груп од Индија, која располага со модерни болници и на тој начин да овозможиме сериозен трансфер на знаења и искуства од најсовремени медицински центри во кои нашите лекари ќе можат да се стекнат со ваков тип знаења и вештини, истакна на прес-конференција министерот Тодоров.
Тој посочи дека во Меморандумот се опфатени сите приоритетни специјалности за кои досега се склучени договори со поголем број болници во Европа и светот.
- Сахара хоспитал груп од Индија прифати да ги покрие сите трошоци за сместување и престој на нашите специјалисти во Индија, а ние се обврзуваме да ги платиме патните трошоци. Очекувам дека со потпишувањето на овој Меморандум и со испраќање на првата група лекари ќе отпочне и оваа одлична соработка, додаде министерот Тодоров.
Претставникот на Сахара хоспитал груп од Индија, Амреш Чандра рече дека здравството е еден од сегментите во кои се надеваат дека ќе се воспостави добра соработка во иднина.
- Со овој Меморандум за соработка почнуваме размена на професионалните лекари кои ќе работат во делот на здравството во структурата на Сахара и во голем број оддели и при тоа очекуваме соработка во голем дел медицински области, истакна Чандра.
Групацијата Сахара, потенцира тој, обезбедува медицински услуги на сите нивоа на здравството, на примарно, секундарно и терцијарно, при тоа имајќи објекти во сите градови кои имаат повеќе од 200 илјади жители.
- Со склучување на овој Меморандум очекуваме дека ваквата соработка ќе излезе надвор од границите од она што Сахара го обезбедува како услуга во Индија, се разбира и тука во Македонија, нагласи Чандра.
Тој додаде дека соработката ќе претставува пренесување на целото искуство на нивните стручњаци кон македонските лекари во сегменти каде треба надградба и каде што сметаат дека е потребно дообучување.