Премиерот Никола Груевски ја прифати иницијативата на претседателот Ѓорге Иванов
Почитуван г-дин Иванов,
Сакам да ве информирам дека сериозно и со должно внимание ја разгледав Вашата иницијатива за формирање на комисија која би имала за задача да ги разгледува настаните кои се случија пред и во Парламентот при донесувањето на Буџетот за 2013 година.
Дозволете да се заблагодарам на Вашата иницијатива да се вклучите во процесот, но притоа и со жалење да констатирам извесна доза на дискриминација за нас, и тоа во поглед на застапеноста во комисијата, затоа што се предлага двајца претставници во комисијата да ги предложи опозицијата, а само еден владејачкото мнозинство. Исто така сметам дека треба да се земе предвид, a Вие тоа добро го знаете, дека учество на претставници на меѓународната заедница во комисии кои треба да се осврнат на домашни внатрешно политички работи не е најдобро одбран пристап за легитимација во една суверена и самостојна држава, и таквиот пристап не соодејствува со нашите принципи.
Но сепак, и покрај овие забелешки, а имајќи го во предвид моментумот и сакајќи да покажеме конструктивност и отвореност и гледајќи ја улогата на меѓународната заедница од аспект на нејзината поддршка на интегративните процеси, а нејзиното учество во комисијата како извесен мониторинг на случувањата, ние немаме што да криеме, сме подготвени за дијалог и за расветлување на вистинските случувања, и затоа Ве информирам дека ја прифаќаме Вашата иницијатива за формирање на оваа комисија, и тоа и со вака предложениот состав во кој опозицијата има два, а владејачкото мнозинство само еден претставник.
Сакам да потенцирам и дека фактот што СДСМ во многу краток рок ја одби оваа Ваша иницијатива говори само за нивната одговорност или подобро кажано неодговорност кон граѓаните и државата, и го потврдува она што ние го велевме и она што сите го знаат и на сите им е јасно, а тоа е дека ова е само сценарио на Бранко Црвенковски за создавање на хаос во државата, сценарио преку кое што тој смета дека би можеле да се остварат неговите лични цели и интереси.
Ние со овој гест на прифаќање на Вашата иницијатива, ги покажуваме нашата отвореност и подготвеност за дијалог и нашиот одговорен однос кон граѓаните и државата.
Со почит,
Никола Груевски
Претседател на Владата на Република Македонија